
Соопштение за јавност на ЛДП:
Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува сериозна загриженост и негодување во однос на најновите предлог-измени на Кривичниот законик кои се најдоа пред пратениците во Собранието на почетокот на неделата. Иако навидум изгледа дека се предлагаат решенија за заострување на казните и санирање на штетите направени во минатото, сметаме дека ова е само уште едно од многуте „крпења и закрпувања” на правниот систем, наместо суштинска реформа која граѓаните ја чекаат повеќе од 18 месеци.
Во насока на подобрување на состојбата, како партија која доследно се залага за владеење на правото, укажуваме на проблемот со застарувањето. Тука, иако се предлага зголемување на казните за „Злосторничко здружување” и „Злоупотреба на службената положба”, сметаме дека застарување на делата се сè уште можни и за истото сме сведочеле постојано во минатото.
Воедно, ЛДП инсистира на дополнително зголемување на границата за застарување на делата од 30-тата глава извршени на штета на буџетот на државата. Борбата против корупција не смее да зависи од административни рокови кои им овозможуваат на оние кои се огрешиле итро да ја избегнат правдата.
Сметаме дека повторното воведување на кривичното дело поврзано со злоупотреби при јавните набавки е задоцнет чекор, а сегашното решение е само обид за санирање на штета. Делот за воведување на санкции за злоупотреба на порнографски и сексуални содржини е за поздрав, но потребно е итно проширување на овие одредби. Во време на брз технолошки развој, неопходно е законот експлицитно да ја опфати и злоупотребата на дигитални содржини креирани со помош на вештачката интелигенција (Deepfake-ови), со цел заштита на достоинството на секој граѓанин.
Доста беше од делумни и парцијални решенија. Доколку ресорното министерство не е способно да изготви и да се донесе целосно нов, современ и европски Кривичен законик до крајот на оваа година, треба јавно да ја признае својата неспособност. Македонија нема време за нови правни експерименти кои оставаат простор за селективна правда и неправда.
ЛДП останува посветена на заложбата за носење на законско решение кое ќе биде бескомпромисно кон криминалот и корупцијата. Нашите забелешки се јасни: ни треба закон кој што ќе штити, а не закон што ќе амнестира преку застарување.

