
Мисијата на ОБСЕ во Скопје денеска презентираше ново истражување за онлајн и офлајн-насилство врз млади жени и девојки во јавниот живот.
Истражувањето истакнува дека значаен дел од младите жени се чувствуваат небезбедно на јавни места поради нивниот род, со ранливости обликувани од социоекономски фактори, образование и место на живеење. Тоа исто така укажува на ниската стапка на пријавување и потребата за подобрена координација, пристапност и доверба во одговорите на институциите.
Отворајќи го настанот, амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ја нагласи важноста од претворање на истражувањата во долготрајно влијание: „Кога настанува насилство, молчењето не е опција. Сите имаме одговорност да реагираме и пријавиме. Пријавите за насилство мора да бидат приоритет, а институциите се обврзани да делуваат со должно внимание”.
Министерот за социјална политика, демографија и млади ја истакна важноста на координирана социјална поддршка. „Мора да изградиме систем кој реагира рано, на хуман и координиран начин, за ниту една жена да не биде сама. Подготвуваме нова Стратегија за превенција и заштита од насилство врз жените и семејно насилство 2026–2033, заедно со Акциски план за 2025–2029. Овие стратешки документи ќе водат навремена и ефективна заштита за секоја жена”.
Спроведено во 2025 од страна на друштвото за истражување „Индаго”, истражувањето се заснова на репрезентативен примерок од 600 млади жени и девојки на возраст од 18 до 29 години од сите статистички региони на земјата, надополнето со фокус-групи составени од претставници на граѓанското општество како и експерти. Тоа нуди детален увид во перцепциите за безбедност, шеми на пријавување, институционални одговори и ризици во подем, како дигиталното насилство.
Преку Националната работна група за превенција на насилство помеѓу младите, Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе продолжи да работи со националните засегнати страни за да се интегрираат потврдените препораки во развој на политики и практични мерки, водејќи сметка за долготрајна одржливост и мерливи резултати.
