
Во вчерашниот терористички напад на плажата Бонди убиени беа 15 цивили, а меѓу нив и фудбалер на Рокдејл Илинден, клуб на македонската дијаспора во Австралија.
„Со голема тага дознавме дека нашиот играч Ден Елкајам беше трагично и бесмислено убиен во масакрот на плажата Бонди.
Ден – 27-годишен Французин од еврејска вероисповед – живееше со својата девојка во источните предградија. Го обожаваше австралискиот начин на живот.
Фудбалот му беше страст – заедно со поминувањето време на плажа и дружењето со пријателите.
Неговото насмеано лице и почитувачката природа многу ќе им недостигаат на неговите соиграчи и на сите што го познавале.
Се молиме за него и за неговото семејство“, објави клубот.
Рокдејл Илинден е од населбата Рокдејл, предградие на Сиднеј. Настапува во полупрофесионалната Национална премиер лига на Нов Јужен Велс, каде во регуларниот дел од сезоната 2025 заврши на 4. место, а потоа во разигрувањето стигна до финалето каде со 2:1 загуби од АПИА.
