
Советот на ЕУ ќе ја прошири листата на санкционирани лица одговорни за поддршка на т.н. руската „флота во сенка“, со додавање на уште пет поединци и четири компании.
Санкционираните поединци се бизнисмени директно или индиректно поврзани со руските државни нафтени компании „Росњефт“ и „Лукоил“.
Тие се осомничени дека контролираат бродови со кои илегално се транспортираат нафта или нафтени деривати што се извезуваат од Русија, прикривајќи го нивното вистинско потекло, со што практикуваат нерегулиран и високоризичен транспорт.
Според Советот на ЕУ, тие вака овозможуваат дополнителни приходи на руската Влада за водење на војната во Украина.
Санкционираните четири правни субјекти се компании со седишта во Обединетите Арапски Емирати, Виетнам и Русија.
На оваа листа на санкционирани поради поврзаност со „флотата во сенка“ се наоѓаат над 2600 физички и правни лица.
