Skip to main content
Култура, Македонија

Предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата и музичари од оркестарот на Вооружените сили на Романија

15/12/2025  15:01

Вечерва, 15 декември, во свечената сала на Македонската филхармонија во Скопје, во организација на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, ќе се одржи традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овојпат збогатен со настап на музичари од оркестарот на Вооружените сили на Романија.

Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, концертот ќе понуди репертоар составен од музички дела на светски реномирани композитори, како и композиции од македонски и романски автори.

На предновогодишниот концерт ќе присуствуваат: претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, заменик-претседателот на Владата Љупчо Димовски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата, како и други гости.

Овој концерт претставува континуитет на успешната соработка на Воениот оркестар на Армијата со оркестрите од сојузничките армии, кои веќе неколку години заеднички настапуваат и создаваат музички мостови на пријателство.

Македонските граѓани ќе можат да го проследат концертот во живо на Првиот канал на Македонската радио-телевизија, со почеток во 20:00 часот.