Skip to main content
Хроника

Нови детали за убиството во гостиварско

13/12/2025  17:09

Обдукцијата на телото на 53-годишната жена од гостиварско, која вчера беше пронајдена закопана во атарот на селото, потврди дека станува збор за насилна смрт нанесена со огнено оружје. Од Обвинителството велат дека случајот, кој силно ја вознемири јавноста, добива јасни контури, но истрагата сѐ уште трае и се проверуваат сите детали поврзани со убиството.

Првoосомничен е С.М. (53) од Врапчиште, кому првичниот 48-часовен притвор му е продолжен за уште два дена. Обвинителството предложило ист таков притвор и за уште едно лице – жена која вчера била приведена – но за јавноста засега не се потврдува дали станува збор за неговата сопруга, 48-годишната Ѓ.В., која претходно беше задржана во полициска станица.

Жртвата, 53-годишната Х.А. од селото Равен, била пријавена за исчезната на 9 декември од нејзиниот син Ј.М. (34). Тој навел дека два дена претходно, на 7 декември, мајка му била снимана од безбедносни камери како влегува во патничко возило „фиат“, по што станала недостапна на телефон. Истата пријава содржела и сомневања дека ноќта меѓу 6 и 7 декември сомничениот С.М. влегол во нивниот дом, пребарувал по собите и однел пари.

Клучен пресврт во истрагата настапил откако анализата на безбедносните камери и телефонските листинзи покажала дека осомничениот дава лажен исказ, а последниот телефонски контакт на жртвата бил токму со него. По судска наредба бил извршен претрес во неговиот дом, при што била приведена и сопругата Ѓ.В. Во полициски разговор, според информациите на МВР и Обвинителството, таа признала дека нејзиниот сопруг со пиштол ја убил Х.А. и го посочила местото каде телото било закопано во нива во атарот на селото.

Полицијата, во присуство на јавен обвинител, извршила увид на локацијата и го пронашла безживотното тело, кое потоа било пренесено на обдукција. Случајот се води како кривично дело „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик, а истрагата продолжува со цел целосно да се расветлат мотивите, евентуалните соучесници и одговорноста на сите инволвирани.