Skip to main content
Свет

Зеленски: Нема компромис за украинската територија

08/12/2025  21:02

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес во Лондон, по состанокот со европските лидери, изјави дека мировниот план на САД сега е намален на 20 точки и дека Америка бара компромис, но рече дека „нема компромис кога станува збор за територија“.

„Украина нема право – ниту според Уставот, ниту според меѓународното право, ниту според моралниот закон – да се откаже од своите територии“, рече Зеленски, најавувајќи дека Украина ќе го ревидира сегашниот нацрт на американскиот мировен предлог и ќе го достави до Вашингтон „веројатно во вторник навечер“, објави Индекс.

Зборувајќи за реконструкцијата на земјата, Зеленски рече дека клучното прашање е финансирањето и дека мора да се земе предвид позицијата на Европа, која „игра клучна улога“.

„Учеството на Европа во овие преговори е клучно“, рече Зеленски, додавајќи дека одлуката за репарациските заеми е исклучиво на Европската комисија.

Зеленски посочи разлики меѓу САД и Украина

Украинскиот претседател ја истакна разликата во пристапот меѓу Киев и Вашингтон.

„Трамп има своја визија за завршување на војната, која е различна од украинската. САД сакаат војната да заврши, но за Украина условите под кои тоа ќе се случи се клучни“, истакна тој, нагласувајќи дека безбедносните гаранции мора да бидат потврдени од американскиот Конгрес.