
Најмалку 1.500 луѓе загинаа во поплави и свлечишта во делови од Азија, а стотици се водат како исчезнати, додека селата се без електрична енергија, вода и пристап до патишта, јавува АП.
Според официјалните бројки, 883 лица загинале во Индонезија, 486 во Шри Ланка, 185 во Тајланд, додека Малезија пријави три жртви. Речиси 900 лица сè уште се водат како исчезнати, а многу села остануваат затрупани во кал и урнатини.
Како што водата се повлекува, се открива уништувањето: патишта се исечени, мостови се урнале, далноводи се уништени, а цели области се оставени без електрична енергија и интернет. Многу заедници во моментов се достапни само со хеликоптер.
Најкритична е ситуацијата во округот Ачех Тамијанг, каде што повеќе од 260.000 луѓе ги напуштиле своите домови. Улиците се покриени со кал, автомобили превртени, куќи срамнети со земја. Сцената потсетува на катастрофата од 2004 година, кога цунами го опустоши Ачех и одзеде 160.000 животи.
Иако помошта пристигнува, многумина истакнуваат дека нема доволно и дека нема организирана народна кујна.
Локалните жители ги обвинуваат властите за нелегална сеча и корупција кои придонеле за обемот на катастрофата.

