Skip to main content
Македонија

Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија каде ќе се обратат родителите од Кочани 

08/12/2025  13:47

Соопштение на Левица:

Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата.

Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е усогласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот.

Оваа седница е од највисок приоритет помеѓу сите закажани собраниски активности периодов бидејќи се работи за човечки животи! За оние кои можеле, а не биле спасени, за трагедии кои можат да се избегнат доколку навремено делуваме, за овие и за идните генерации. Ова е прашање за корупцијата која го разјадува општеството и го загрозува секој граѓанин.

Минимум обврска на народните избраници и претставници мора да биде да обезбедат услови во Собранието каде што правдата ќе се бара, понуди, слуша и штити, а не простор каде што се премолчуваат последиците од институционалните пропусти.

Да потсетиме: Левица три пати се обиде да закаже седница за трагедијата во Кочани. Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата.

Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит.

Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември.

Апелираме утре да не се повтори уште еден институционален срам! Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии.