Skip to main content
Хроника

Анима Мунди: Куче над 20 пати ѕверски удирано по глава од вработен во фирма во Момин Поток

20/11/2024  11:59

„Страотен облик на суровост и изживување врз мирно бездомно животно во фирма во Момин Поток – куче над 20 пати зверски удирано по глава од вработен! Во друштво на четири полнолетни лица, мажи, мирно бездомно куче е удирано со дебело дрво, најкрвнички и со сета сила, без било кој да интервенира додека кучето урлика од болка и не можејќи да избега или се спаси; случај кој ќе останеше невиден доколку не беше евидентиран на камерите за видео надзор“, велат од Анима Мунди.

„Со какви психопати сме опкружени, доколку од 5 лица, ниту еден во ова ѕверство не препознава екстремна суровост, инстинктивно не се обидува да интервенира и го сопре?

Како и во секоја нормална држава бараме итно процесирање на кривична постапка и најстрога, тригодишна казна затвор за сторителот.

Три години затвор без исклучок зошто ваква омраза и суровост може да направи само девијантно и крајно опасно, садистичко битие, психопат без контрола и без грам емпатија кон послабите.

Колку за илустрација, во Англија би бил осуден на петгодишна затворска казна, а во Грција за вакво мачење се предвидува и до 10 години затвор и глоби до 15 000 евра.

Државата мора да ја препознава и најстрого казни суровоста кон животните која е во државите во ЕУ индикатор за насилство врз деца, жени, ранливи категории; показател на сериозна психопатологија.

Согласно информациите кои ги имаме овој монструм е приведен и нема да дозволиме да се извлече. Бараме јавно произнесување на Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во однос на овој случај кој е шокантен и кој ќе го следиме до крај.

Анима Мунди изготви Предлог Иницијатива за измена и дополна на Кривичниот законик која ќе биде доставена во Владата, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и ресорните министерства наредната недела, секако и до медиумите и јавноста, за која очекуваме унифицирана поддршка од сите релевантни субјекти. Насилството врз животните е показател на сериозна психосоцијална и морална девијација и мора да се препознае како такво, превенира, казни, запре!

Благодарност за човекот кој го однел во ЈП Лајка, ветеринарите на ЈП Лајка и доктор Марин Величковски кои се борат за да се спаси ова куче, мирно и најкротко на свет.

А ние се бориме вакво нешто да не се повтори, а сторителот и таквите како него да не излезат од зад решетки“, се вели во соопштението на Анима Мунди.