Skip to main content
Музика

По серијата апсења српските ѕвезди ги откажуваат настапите во Македонија

06/12/2025  11:34

Популарната босанска пејачка Џејла Рамовиќ, сепак, го одложи својот настап во познат локал во Скопје.

Како што соопштија органзиаторите, настапот кој беше закажан за вчеравечер, 5. декември, е одложен.

Ова следи откако пред една недела, односно на 1. декември, Џејла Рамовиќ била задржана од полицијата во Кичево за време на акциската контрола, откако инспекторите утврдиле дека настапува без соодветни документи за работа.

Претходно истото се случи и со српскиот пејач Аца Лукас во Кавадарци.

Босанската пејачка за случајот во Кичево тогаш нагласи дека имала целосна документација за настапот и дека прекинот се случил поради пропусти на организаторот, а не поради неуредност од нејзина страна.

„Сакам да нагласам дека од моја страна и од страна на мојот бенд, сите потребни документи и дозволи за настапот во Кичево беа правилно подготвени и доставени до организаторот, со целосната постапка што редовно ја следиме кога доаѓаме во Македонија“, вели Рамовиќ.

„Македонија е земја што многу ја сакам и секогаш сакам да се враќам. Исто ќе биде и сега, бидејќи веќе се дружиме во петок во Скопје“, истакна тогаш пејачката.

Исто така, низ медиумите кружи и веста дека е откажан концертот на Наташа Беквалац во Штип закажан за 27 декември во Спортската сала „Тошо Арсов“. Организаторот „Кабаре Клик“ соопштил дека одлуката е донесена поради политички дискусии што се појавиле околу настанот и кои го надминувале нивниот домен на работа.