
Владата демантира дека преговара со Велика Британија за прифаќање мигранти одбиени за азил, како дел од наводниот план за отворање „центри за враќање“ на Балканот. Британските „Тајмс“ и „Дејли мејл“ денеска објавија дека Македонија наводно влегла во формални разговори за таков центар, каде што мигрантите би можеле да побараат азил или работни визи.
Тие тврдат дека Велика Британија би ѝ плаќала на државата за секој прифатен мигрант. Владата ги отфрли овие информации, а истото го направи и британскиот амбасадор Лосон. На прес-конференцијата на 17 мај, тој изјави: „Како дел од договорите, земјата се согласи да се приклучи на заедничката мисија во однос на мигрантите. Но, тоа се однесува на соработка на полициските сили, справување со криминални банди и подобро споделување разузнавачки информации… Сосема друга приказна е прифаќањето мигранти, не се работи за тоа. Сакам да бидам јасен во тој дел.“
