
Опозициската формација „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“ поднесе барање за гласање недоверба на Владата, предводена од премиерот Росен Жељазков.
Барањето се однесува на неуспехот на Владата во економската политика, што доведе до едни од најголемите протести во Бугарија. Барањето е поддржано и од формацијата на Дељан Доган „Алијанса за права и слободи“ (АПС) и партијата „МЕЧ“.
– Очигледно Владата не го слушна големиот протест и не поднесе оставка. Денеска, како што им ветивме на сите кои протестираа и на сите луѓе кои не го одобруваат ова управување, поднесовме гласање недоверба на оваа Влада. Ова е првото гласање недоверба кое се поднесува и со активно учество на најмладата генерација во Бугарија. Иднината им припаѓа ним и ние сме должни да им ја обезбедиме, изјави денеска пред новинарите претседателот на „Продолжуваме со промената“, Асен Василев.
Барањето беше симболично поднесено во архивата на Народното собрание со учество на двајца млади кои учествуваат во протестите – Калојан Васев и Ана Бодакова.
Во образложението за гласањето недоверба се наведува дека постапките на Владата довеле до негативен развој на економијата на земјата, а неактивноста во клучните реформи до стотици милиони задржани средства од Планот за закрепнување и одржливост . Според подносителите, лошото и некомпетентно прераспределување на јавните ресурси довело до поголем товар за работниците и бизнисот.
„Очигледниот неуспех во економската политика води до намалување на благосостојбата и до осиромашување на бугарските граѓани и драстично влошување на деловната клима, на сметка на прераспределбата на јавните ресурси кон нереформирани системи во јавниот сектор и државни инвестициски проекти со сомнително надуени вредности“, се додава во образложението за мотивите за барањето гласање недоверба на Владата..

