
Според мерењата на УХМР, месец ноември годинава беше потопол од вообичаено и многу врнежлив, особено во централниот и источно-западниот дел на земјата, споредено со многугодишните просечни вредности (1991–2020).
Средномесечната температура се движеше од 5,9°Ц во Лазарополе до 11,7°Ц во Гевгелија, што е за 3°Ц повисоко од просекот. Највисоката температура беше 23,2°Ц во Гевгелија на 1 ноември, а најниската -3,79°Ц во Берово на 12 ноември.
Месечната сума на врнежи варираше од 79,9мм во Скопје Зајчев Рид до 243,1мм во Маврово, а максималното дневно количество беше 67,8мм во Лазарополе на 19 ноември. Врнежите, од дожд и снег на планините, беа обилни и почвата беше значително заситена. Во однос на многугодишниот просек, месечната сума на врнежи беше трипати над просекот на ниво на држава.

