Skip to main content
Економија

Средба со висок претставник на Трезорот на САД: Народната банка има клучна улога во одржувањето на финансиската стабилност

20/11/2024  09:50

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска оствари средба со Лујен Д. Тран, заменик-помошник секретар во Канцеларијата за техничка помош во Трезорот на САД, на која се зборуваше за зајакнувањето на финансиската стабилност и унапредувањето на билатералната соработка. Преку оваа средба беше нагласена поддршката од САД за економскиот развој и зајакнувањето на отпорноста и финансискиот интегритет на земјава.

MK Summit

На почетокот на средбата беше нагласена клучната улога на Народната банка во зачувувањето на финансиската стабилност во сложеното глобално окружување, полно со неизвесности. Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека Народната банка преку преземените мерки му овозможи на финансискиот систем да се справи со економските предизвици. Беше истакнато и дека Народната банка дејствува како столб на севкупната макроекономска стабилност.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска и високиот претставник на администрацијата на САД, Тран, ги разгледаа можностите за техничка помош и соработка за унапредување на регулативните рамки и финансиската стабилност. Преку користење на експертизата од оваа важна финансиска институција на САД, Народната банка може уште повеќе да ги зајакне своите капацитети за управување со ризиците, за супервизија и дигитализација на финансиите, коишто се исклучително важни за јакнењето на отпорноста. Преку соработката на двете институции ќе се добие увид и во новите алатки и практики за справување со предизвиците од неизвесното окружување, како и за можностите за пренесување на знаењето и поврзување со светскиот финансиски пејзаж.