Skip to main content
Скопје

Возилата ќе се одземаат на 6 месеци, Град Скопје започна акција против дивите превозници

03/12/2025  18:36

Инспекторатот на Град Скопје денеска започна силна акција за конечно воспоставување ред во дејноста на јавниот превоз.

– Дивите превозници – такси-автомобили, комбиња или автобуси кои со години работат без лиценци, без контрола и надвор од сите прописи, стануваат минато. Ова го најавив уште кога ја барав поддршката од скопјани и денес ја испорачуваме таа обврска. Нашата цел е јасна и недвосмислена – да се заштитат граѓаните, да се воведе фер конкуренција и да се почитуваат законите кои важат за сите, вели градоаначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

– Со новата акција, возилата кои работат нелегално ќе бидат одземани на период од шест месеци, а инспекторатот ќе изрекува казни со платен налог. Ова е конкретна мерка со која праќаме порака дека хаосот и безредието нема да бидат толерирани. Засилените контроли продолжуваат секојдневно, со уште поголем интензитет во деновите што следат. Целта не е да казнуваме по секоја цена, туку да создадеме здрав систем во кој секој што работи ќе работи легално, одговорно и во интерес на граѓаните, додава градоначалникот.

Со воспоставување ред во оваа дејност, скопјани конечно ќе добијат сигурен превоз. Без импровизации, без ризици и без страв дека превозот што го користат е небезбеден или нерегулиран. Ова е само еден од чекорите со кои го враќаме достоинството на нашиот град. Скопје мора да биде град во кој законите важат за сите, во кој редот е правило, а не исклучок. Град во кој граѓаните се чувствуваат заштитени, а институциите си ја вршат работата професионално и бескомпромисно. И така ќе продолжиме. Промените почнаа, а нашиот град секој ден ќе станува поуреден, побезбеден и подобро организиран, истакна Ѓорѓиевски.