
Секогаш сме отворени за структуриран дијалог. Но, мислам дека и нашите земјоделци разбираат дека екстремните постапки, продолжено затворање на автопатите, затворање на граничните премини, затворање на аеродромите, се постапки што не помагаат во нивните напори, посочи грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на почетокот на состанокот на Владиниот совет за економска политика, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис, осврнувајќи се на блокадите на земјоделците посочи дека „предизвикуваат проблеми за општествени групи, особени кога Владата се обврза дека декември ќе биде месец на суштинска поддршка за нивните приходи, со исплата на значителни износи“.
– Мислам дека не треба да ја губиме целосната слика. Бидејќи, од една страна, целосно го разбирам незадоволството на земјоделците кои имаа одредени доцнења во плаќањата. Од друга страна, постојано треба да потсетуваме дека во споредба со 2024 година, на земјоделците вкупно ќе им бидат исплатени над половина милијарда повеќе. Од 3,1 милијарди во 2024 година, вкупните плаќања ќе достигнат 3,7 милијарди, посочи Мицотакис.
Тој додаде дека вратата на Министерството за земјоделство „секогаш е отворена за проблемите на земјоделците“ и потсети дека „многу пати оваа Влада отстапи и ги задоволи барањата на земјоделците“.
Во неделата, грчките земјоделци започнаа со протестите и блокади низ цела Грција, најавија постепено интензивирање до 5 декември, а засега нема информации до кога ќе траат.
