
Судскиот совет тековно прави проекции на буџетот за наредната година со планови за вработување и ревизија на сите судови вели претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски и посочува дека буџетот за следната година е веќе при крај и дека разликата во однос на претходната година ќе биде во новите планирани вработувања, додека ресурсите, како капиталните инвестиции, реновирање на судски згради, набавка на опрема и т.н. ги планираат секоја година.
Прашан како го коментира предлогот на премиерот Христијан Мицкоски, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да изготват список за тоа што им треба од финансии и да го достават, Камбовски, рече дека се согласува со премиерот, дека треба да имаат план кои средства им се потребни.
– Апсолутно, мислам се согласувам со премиерот. Ние треба да имаме буџет, па да знаеме што сакаме, да може централниот буџет да ги одвои тие средствата што ни се потребни. И од неговите изјави јас подразбирам дека и тој е согласен на тој начин да продолжиме понатаму, изјави Камбовски, одговарајќи на новинарски прашања пред денешната 532. седница на Судскиот совет.
Буџетот за следната година, посочи Камбовски е веќе при крај или изготвен и посочи дека се прават планови за вработување на минимум потребни луѓе колку што фалат во судовите.
– Минатиов период имавме состаноци со сите судови во државата коишто дојдоа и се трудевме минимум човечки ресурси кои се потребни да ги ставиме во планот за вработување. Значи, не да се оди со некои максималистички барања, туку минимум човечки ресурси во овој момент за да можат судовите да функционираат на некое минимум задоволителна основа. Разликата ќе дојде во плус тие луѓе што би се вработиле, ако се 300 луѓе, значи за 300 луѓе плус бруто, колку доаѓа точно не можам да кажам, изјави Камбовски.
Во однос изјавата дека претседателите на судовите земаат плата од по 180 илјади денари, Камбовски вели дека нема таква плата во државата.
– Судија во основен суд со основна надлежност има нето-плата од 86.623 денари, со проширена надлежност 89.346 денари, претседател на основен суд 99.112 денари. Тие се платите за основните судови. Врховен суд, судија зема 105.000 денари, претседател 114.000 денари. Овие плати што ги кажувам се основните, на овие плати има нели додавање на минат стаж, изјави Камбовски.
Просечните плати исплатени во 2024 година на судиите во Врховниот суд, каде што е вкалкулиран минатиот стаж, Камбовски рече дека се 197.000 денари просечна бруто-плата, додека 128.000 денари просечна нето-плата.
– Највисока плата за 2024 во рамки на цело судство во сите инстанци. Најголема плата исплатена на судија во 2024 година, 214.000 во бруто износ, 139.738 денари во нето износ. Ова била највисока плата некој што ја зел, изјави Камбовски.
На овие плати, Камбовски нагласи дека не се ставени додатоци доверливост и за ризик при работа, зашто, како што рече, тие додатоци не ги земаат секој месец.-Како што има пари во буџетот, така ги земаме. На пример, еден месец пет отсто е додатокот, па три месеци нема, па ќе биде седум посто, па пак пет посто, па 10 посто. Меѓутоа тие не се примања коишто редовно ги примаат судиите, појасни Камбовски.
Прашан како стојат платите на судиите споредено со останатите земји, Камбовски вели дека ние заостануваме во поглед на соседните земји.
– Пари, премиерот можеби е во право, дека кога ќе споредиме со БДП, колкав и колку од него се издвојува за судството, можеби е така. Меѓутоа за ние да ги достигнеме прво нашите соседни земји, секако дека треба да имаме поголеми издатоци, па кога се израмниме тогаш ќе биде друга пресметка. Инаку ние заостануваме во поглед на соседните земји, а за Европска унија веќе да не правам муабет, изјави Камбовски.
