Сирија моли за помош, земјотресот им однесе се, а им се заканува и нова катастрофа

Страшниот земјотрес што се случи минатата недела, освен во Турција, уништи и бројни домови, а загинаа илјадници луѓе и во Сирија.

Сириецот Мохамед Хади раскажува за Гардијан.

„Спиев кога се случи земјотресот – мислев дека е воздушен напад, па истрчав надвор“, рече Мохамед.

„Ги грабнав сопругата и двете деца . Жена ми цврсто ме држеше за рака додека трчавме. Но потоа, кога излеговме надвор, сфати дека нашите две ќерки се уште се внатре и потрча назад за да ги спаси“ .

Тој опиша дека видел блесок на бело. Уривањето на петкатницата ги однесе животите на тројца негови најблиски. Земјотресот создаде слоеви на хуманитарна криза во Идлиб.

Тоа беа домови на луѓе кои веќе беа внатрешно раселени кога сирискиот режим на Башар ал Асад и неговите поддржувачи во Москва ги нападнаа нивните села, принудувајќи ги да бараат засолниште во Идлиб.

„На спасувачите им требаа три дена да ги извлечат телата бидејќи нашиот стан беше на последниот кат“, рече Хади.

Идлиб беше последното прибежиште за илјадници раселени по повеќе од една деценија војна.

Медицинските работници се обидуваат да се справат со најновата криза, бидејќи локалните власти велат дека се бореле да ја спречат појавата на колера предизвикана од контаминација на локална река пред земјотресот.

Две недели пред земјотресот, ОН соопштија дека 2,1 милион луѓе во северозападна Сирија се изложени на висок ризик од колера.

Главниот лекар Ваџих ал-Карат изјави дека малата болница работи на границите на својот капацитет и нема поголем дел од основните медицински материјали и лекови потребни за лекување на преживеаните од земјотресот.

Тој се плаши од нова епидемија на колера. „Се разбира дека сум загрижен бидејќи водоснабдувањето сега е дополнително оштетено и водата е лоша. Нашата инфраструктура е уништена“, рече тој,пренесе Мондо.рс.

Треба да знаете
Последни објави