
Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ во партнерство со МЦГО организира завршна конференција – „Инклузија во движење: чекори кон промена“ од проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“, финансиран од Детската фондација „Песталоци“.
На денешната конференција предвидени се три панели: „Национални инициjативи за подобрување на инклузивноста во образованието“, „Инклузивно образование во пракса: универзитетски реформи и дигитални инклузивни алатки“ и „Градење инклузивни практики на локално ниво: подобрување на условите, пристапот и поддршката за секое дете“.
– Конференцијата е заокружување на тригодишните активности, предизвици и постигнувања во рамки на проектот. Целта на оваа средба е да се повикаат на едно место и на заедничка средба сите вклучени актери кои имаат одговорност за обезбедување услови, поддршка, услуги и реализација на образованието на сите деца, вклучително и децата со посебни образовни потреби. Ќе се дискутира за досегашните постигнувања, промени, но и предизвиците на национално, локално и академско ниво, во областа инклузивно образование.
Здружението „Отворете ги прозорците“ оваа година слави 20 години посветена работа за промовирање пристап до информатичка технологија за лица со посебни потреби, овозможувајќи им целосно да ги искористат нивните способности.

