
Министерот за економија Бесар Дурмиши го најави почеток на процес на реформа на Законот за волонтерство по примерот на европските закони на воведното обраќање пред утрешниот почеток на Првата регионална конференција за волонтирање „Мостови на искуство: Зајакнување на сениорското волонтирање за одржлив развој низ Балканот”.
Според Дурмиши, процесот ќе биде отворен и инклузивен и ќе бидат консултирани сите засегнати страни – од организациите што ангажираат волонтери, до самите волонтери, експертите и локалната самоуправа.
– Оваа конференција е прва и е почеток на разговорите што ќе продолжат во институциите, граѓанските организации, во нашите партнерски организации во регионот и Европа. Верувам дека во овие два дена ќе слушнеме многу идеи што можат да ја променат реалноста. Наша задача е да им дадеме живот на тие идеи и да покажеме дека волонтерството е една од највредните инвестиции во општеството, да покажеме дека регионот може да гради мостови, да споделува искуства и да создава нови модели на соработка, рече Дурмиши.
Законот, како што посочи, мора да ги одразува новите реалности затоа што општеството се менува, а со него мора да се менува и волонтерството.
– Балканот има репутација на место со бројни предизвици, но, вистината е дека на Балканот живеат луѓе кои навистина ја разбираат вредноста на солидарноста. Во последните години видовме колку е голем придонесот во хуманитарни акции, во локални иницијативи, па и во ситуации како онаа со трагедијата во Кочани. Општеството се менува, а волонтерството мора да се менува со него. Живееме во време на брзи промени и начинот на кој функционираме, работиме, комуницираме – сето тоа радикално се промени последната деценија, нагласи Дурмиши.
Според евроамбасадорот Михалес Рокас, конференцијата којашто официјално почнува утре, доаѓа во вистинско време.
– Таа доаѓа во време кога не смееме да изоставиме никого и кога мораме да ги вложиме сите можни напори, за да ја внесеме оваа држава, Северна Македонија, во Европската Унија, рече Рокас.
Конференцијата, чие што официјално отварање е закажано за утре во 9 часот, во организација на Асоцијацијата за спорт и волонтерство (АСВ) во партнерство со Министерството за економија и труд на Република Северна Македонија и со поддршка на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и на партнерските ЕУ организации: Центарот за европско волонтерство (CEV) и Конфедерацијата на европските услуги на сениорски експерти (CESES).
Според најавата на организаторот, на официјалното отворање ќе се обратат министерот за европски прашања Орхан Муртезани и извршниот директор на ЦЕСЕС Брисел, Исмаел Паез Цивико.
– Конференцијата има за цел да поттикне отворени и конструктивни дискусии, да овозможи создавање регионални партнерства, како и да придонесе кон заедничко креирање политики за развој на волонтерството. Посебен акцент ќе биде ставен на улогата на сениорите – волонтери над 50 години чиј долгогодишен професионален и општествен ангажман претставува значаен потенцијал за пренос на знаење, меѓугенерациско разбирање и зајакнување на заедниците. На настанот ќе учествуваат високи претставници на институциите од земјата и регионот, министри и заменици-министри, претставници на граѓанскиот и приватниот сектор, меѓународни организации и академската заедница, соопштија организаторите.
Конференцијата се организира во рамки на прогласувањето на 2026 година за Меѓународна година на волонтерите за одржлив развој (IVY 2026) од страна на Обединетите нациии.
