Skip to main content
Македонија

53% од девојчињата и 19% од момчињата на возраст на 15 години имаат депресивно расположение

16/07/2025  13:05

Асоцијација за здравствена едукација и истражување- ХЕРА, ги информира граѓаните од Општина Центар и основните учлиштата дека услугите поврзани со психосоцијална поддршка, превенција од дроги, професионални советувања за ментално здравје, како и превенција и заштита од насилство, се достапни бесплатно согласно договорот кој е потпишан со Општина Центар. Услугите се достапни секој работен ден од понеделник до петок, во однапред закажан термин, за сите граѓани вклучително и младите, учениците, наставниците, родителите кои се соочуваат со предизвиците на секојдневието. Контакт информации за закажување на терминини, на крајот на соопштението.

Благодарни сме на основното општинско училиште„Кочо Рацин” од општина Центар, за отстапениот простор каде освен пораката од муралот стои и контакт телефон каде може сите деца, родители, наставници да побараат стручна помош и поддршка во справувањето со врсничко насилство како и други предизвици со металното здравје.

„Врсничкото насилство остава длабоки последици врз менталното здравје на младите. Сè почесто се соочуваме со случаи на анксиозност, депресија и изолираност кај деца и адолесценти, предизвикани од навреди, исклучување или насилство од врсниците – како во училиште, така и онлајн. 53% од девојчињата и 19% од момчињата на возраст на 15 години имаат депресивно расположение, покажуваат податоците од ХБСЦ студијата. Потребна е заедничка акција од родителите, училиштата и институциите за да се создаде безбедна и поддржувачка средина, каде младите ќе се чувствуваат прифатени и ќе добијат навремена психосоцијална поддршка. Менталното здравје не е луксуз, туку право на секое дете. Апел до младите, молкот не е одговор, сподели и побарај поддршка кога ти е потребно!”

„Стручните служби во училиштата континуирано работат со ученици и родители согласно внатрешните процедури, но кога е потребна терапевтска интервенција, постоечките ресурси не секогаш се доволни. Со вклучување на советувалиштата на ХЕРА – кои се дел од системот на социјална заштита – училиштата добиваат дополнителна поддршка за случаи кога учениците, семејствата или старателите имаат зголемени потреби“, истакна Ана Попризова, психотерапевтка и училиштен психолог.

„Нашата цел е да создадеме амбиент на сигурност за целосен развој на нашите деца за да можат да ги реализираат своите потенцијали во вистинска насока – тоа е радост, среќа, љубов, разбирање и поддршка. Со оваа порака создаваме визуелна и модерна комуникација, достапна за сите на кои им е потребна. Приказната која ја презентираме е мотив да се помогне и отворено да се говори за ситуации и случувања на кои секојдневно работи и тимот на стручната служба во воспитно-образовниот процес“ изјави Гордана Јаневска, директорка на ООУ „Кочо Рацин“.

ХЕРА продолжува со својата мисија за унапредување на менталното здравје и борба против родово базираното насилство, преку соработка со локалните самоуправи, училиштата и заедницата.