
Неодамна, книгоиздавателството „Матица македонска“ ја објави книгата „Час по незадолжителна лектира“ од универзитетската професорка Весна Мојсова-Чепишевска. Станува збор за прва книга з македонскиот роман во 21. век и за издание со иновативна структура што е прво од ваков формат објавено кај нас. Претходно, во оддена монографска публикација претставени беа критичките согледби за македонскиот роман само до 2000 година, со книга на Христо Георгиевски, додека Мојсова-Чепишевска целосно се осврнува на романи создани во периодот потоа, дминантно во периодот од 2020 до 2023 година, со што оваа книга веќе има и книжевноисториско значење.
„Час по незадлжителна лектира“ на Мојсова-Чепишевска не претставува класичен критички преглед, туку е книга што е вредносна вертикала на македонскиот роман во втората и третата деценија на 21. Век. Притоа, покрај тоа што се микроисчитани клучни романи објавени во овој период, остварена е критичка опсервација и воопшто на твоештвото на македонските романсиери со активен опус што е од есенцијално значење за македонската книжевна продукција последните години. Критички се опфатени романи на: Оливера Николова, Божин Павловски, Паскал Гилевски, Блаже Миневски, Венко Андоновски, Томислав Османли, Лидија Димковска, Калина Малеска, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, Живко Грозданоски и Дијана Петрова, а во дел од книгата, Мојсова-Чепишевска се осврнува и на дело од Влада Урошевиќ. Забележливо, меѓу опфатените романи, повеќето се добитници на престижни признанија – „Роман на годината“ и/или наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, при што критичките осврти на Мојсова-Чепишевска датираат од периоди пред наградувањето, при што во голем дел претставуваат и први напишани, односно објавени критики за конкретните прозни остварувања.
Иновативната структура на новата книга на Мојсова-Чепишевска со поднаслов „Дневнички записи за исчитани романи“ е во духот на современите дневници на прочитани книги, а таквиот формат, авторката го користи за современиот македонски роман и да се доближи до поширокиот читателски аудиториум. Дополнително, преку таквиот формат се популаризираат и вредности од другите форми на уметнички израз од современата македонска култура, вклучително и музиката и филмот. Со тоа, не само што во оваа книга се одразуваат познавањавања на Мојсова-Чепишевска за другите форми на уметнички израз во нашето современие, туку книгата има и додадена вредност за севкупната македонска култура, поттикнувајќи и интеракција со читателот. Во функција на интеракцијата, во книгата, Мојсова-Чепишевска ги користи и придобивките од новите технологии, вклучително и QR-кодовите.
Оваа книга е резултат и на тоа што континуирано, Мојсова-Чепишевска се издвојува како книжевен критичар и со својата постојана посветеност на современиот македонски роман на XXI век. Во изданието, веќе се согледуваат и новите трендови, поетики и севкупни тенденции (влучително и промена на формата и дискурсот) во македонскиот роман, со што книгата е сериозен влог за македонската книжевна историја.
„Час по незадолжителна лектира“ веќе е достапна во книжарниците на „Матица македонска“, вклучително и е-книжарницата. Во четврток, 17 април ќе се случи промоција на книгата во Штип, додека централниот промотивен настан ќе се одржи во рамките на Саемот на книгата, следниот месец во Скопје.