Skip to main content
Македонија

43 случаи на западнонилска треска, вирусот потврден и кај мртов гавран

21/08/2026  12:11

Министерот за здравство, Сашо Клековски, соопшти дека Агенцијата за храна и ветеринарство ја потврди првата мртва птица со западнонилска треска во Скопје, а регистрирани се и први случаи на западнонилска треска во Центар и Чаир. Бројот на заболени е 43.

„Имаме 43 случаи на западнонилска треска, имаме 40 потврдени, од кои три се потврдени со еден тест. Тоа што е различно од претходната состојба има први случаи во Центар и Чаир. Започна и контрола на птиците и имаме прва лоцирана мртва птица со западнонилска треска, станува збор за гавран во Скопје“, рече Клековски.

Тој се заблагодари на граѓаните бидејќи имало голем број на дојави за мртви птици.

„Мртвите птици се собираат од АХВ и тоа помага да се прави натамошното лоцирање на ризикот од западнонилска треска“, рече Клековски.

Клековски информираше и дека здравствените власти направиле мапирање на подрачјата со зголемен ризик од ширење на вирусот.

„Комарците не познаваат општински граници, тие се движат од еден до два километри. Во Сопиште нема ризик, но има комарци. Во Чучер Сандево исто така. Во моментов работиме со 34 ризични подрачја, од кои 13 се високо ризични“, изјави Клековски.

Според него, проточните реки во кои има риби претставуваат помал ризик, бидејќи рибите се хранат со ларвите од комарци. Многу поголем ризик претставуваат застоените води, особено оние во кои има и отпад. Како најризични се издвоени каналите за наводнување во Скопско Поле, ископите и таканаречените мртви делови од реките.

Конкретните критични точки се Серава на подрачјето на Арачиново и Бутел, каналите во Јурумлери, како и каналите во Драчево, Батинци и Студеничани. Зголемен ризик е детектиран и во околината на септичките јами и гробиштата, каде што условите овозможуваат размножување на комарците.