
По потврдувањето на обвинението за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, правните експерти предупредуваат дека јавноста треба да се подготви за долг, сложен и исцрпувачки судски процес.
Судењето, во кое се обвинети 37 лица, со ангажман на 33 адвокати и над 250 оштетени граѓани, ќе претставува сериозен логистички и организациски предизвик. Секое одложување, велат познавачите, ќе може да значи месеци застој, а секое рочиште ќе биде тешко за координација.
Иако јавноста очекува брза и правична разврска за 62-те жртви од трагедијата, искуствата со вакви комплексни случаи покажуваат дека процесите од овој вид ретко завршуваат во краток рок.
Правниот аналитичар Аврамовски во изјава за МРТ оценува дека обвинението ќе биде тешко докажливо за обвинителството. „Предизвик ќе биде да се докаже дека сите обвинети, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност, го сториле делото заеднички, како што стои во обвинителниот акт,“ вели тој.
Овие коментари следат откако Советот за оценка на обвинителниот акт при Кривичниот суд го потврди обвинението против сите 37 лица, со што се создадоа услови за закажување на почетокот на судењето.