Дали пругата кон Бугарија го преживеа инаетот на Николовски?

Македонија и Бугарија си подадоа рака за продолжување на изградбата на пругата која е дел од Коридорот Осум.

На средбата во Брисел, македонските претставници истакнале дека единствениот услов за реализација на проектот е започнување на проектирање на тунелот од Бугарија и негово заедничко пробивање, се вели во денешното соопштение на Министерството за транспорт и врски, а следната задничка средба со бугарската страна ќе се случи на крајот од месецот.

Инаетот на Николовски

Набрзо по преземањето на функцијата министер Александар Николовски најави дека нема да се гради пругата кон Бугарија, оспорувајќи ја при тоа цената на чинење, но и самата траса.

Николовски бараше и прераспределба на предвидените средства за да се модернизира коридорот 10 (север југ) и изградба на брза пруга од Будимпешта преку Белград, Скопје па се до Солун.

Николовски тврдеше дека со приоритет е да се унапреди нешто веќе постоечко, отколку да се воспостави нив коридор (исток – запад)

„Првиот проблем е цената. Сиромашна држава како Македонија треба да потроши 560 милиони евра за 24 километри пруга што некаде доаѓа околу 24-25 милиони евра по километар што ќе се согласите дека е екстремно скапо. И дополнително, можеби јавноста не знае, не се работи за брза пруга. Се работи за спора пруга. Односно, за пруга од категорија Б каде што брзината е од 60 до 80 километри на час“ изјави пред околу еден месец.

Во истиот период Николовски ја стави под знак прашање и целата траса на пругата, велејќи дека можеби е подобро пругата наместо преку Куманово и Крива Паланка, да минува низ Штип – Делчево – граница со Бугарија или пак траса преку Струмица.

„И зошто не се размислувало да има друга пруга која што би одела Штип-Радовиш-Струмица-Ново Село- Граница со Бугарија?“ праша во една прилика Николовски сметајќи дека државата треба да се откаже од веќе започнат и донекаде реализиран проект.

Но промената на цела треса освен што е тешко изводливо, освен што е економски неоправдано, нанесува и сериозен удар на општините како што се Куманово и Крива Паланка.

Според проектот, во Крива Паланка треба да се изгради нова железничка станица, за што веќе постои проект и која би донела нови перспективи за градот во кој миграцијата со години е сериозен проблем.

До каде е изградбата?

Проектот за изградба на пругата кон Бугарија датира уште во раните 90ти години од минатиот век, а изградбата започнува во далечната 1996 година.

Оттогаш се променија многу влади и во Македонија и во Бугарија, а работите сериозно се придвижија дури во последните неколку години.

Во моментот изградбата на пругата долга 24 километри се одвива преку три секции односно делници кои ги градат различни изведувачи.

Првата делница Куманово – Бељаковце е веќе во завршна фаза, работите одат поспоро на втората делница Бељаковце – Крива Паланка, додека се уште не е одбран изведувач за третата делница Крива Паланка – граница со Бугарија.

Во делот од бугарска страна, Бугарија треба да изгради само 2,5 километри од населеното место Ѓуешево до границата со Македонија.

Коридор 8 наспроти Коридор 10

Коридорот 10 (северна – јужна граница) е железнички и автопатски поврзан уште во време на СФРЈ.

Тоа е автопатот Е-75 и желеничката пруга од Табановце до Гевглеија што во суштина ги поврзува Унгарија, Србија, Македонија и Грција.

Од друга страна Коридорот осум е децениска заложба на Македонија но и на соседните Албанија и Бугарија, но на негова реализација сериозно започна да се работи преку последниот проект кој го работи конзорциумот Бехтел и Енка.

Коридорот осум автопатски треба да ги поврзе граничните премини Ќафасан и Деве Баир.

До овој момент, источната и западната граница се уште не се поврзани со автопат, ниту пак со железница.

Коридорот осум важи и за пан европски коридор и коридор од важност на јужното крило на НАТО затоа што по копнен пат треба да ги спојува пристаништето во Драч Албанија со Бургас, Бугарија.

За важноста на овој коридор зборува и силната економска и логистичка поддршка од Европската унија дадена во форма на грантови и поволни кредити.

Изградбата на атопатските и железничките делници на Коридорот осум освен побрзо и поефикасно поврзување кон исток и запад, за Македонија ќе значи и полесен и побрз пристап до уште две пристаништа покрај солунското.

Треба да знаете
Последни објави