Николовски: Владата инвестира 100 милиони евра во Велес за инфраструктура и социјални проекти

Владата на Република Северна Македонија ќе инвестира 100 милиони евра оваа година за развој и подобрување на условите за живот на граѓаните, додека следната година се предвидени дополнителни 250 милиони евра за различни инфраструктурни проекти. Овие проекти се веќе одобрени преку Министерството за транспорт и врски, и се очекува наскоро да започне нивната реализација, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, при неговата работна посета на општина Велес.

Министерот Николоски, заедно со градоначалникот на Велес, Марко Колев, и пратеници од градот, извршија увид во реконструкцијата на улицата „Луј Пастер“, како и во изградената социјална зграда, која е во фаза на распределба на становите за 29 ранливи семејства.

„Инвестицијата во социјалната зграда изнесува 54,2 милиони денари и очекувам процесот на распределба на становите да биде транспарентен и фер. Овој процес е во тек и во други градови, како Кочани, а зградите во Бутел и Дебар се веќе во завршна фаза“, изјави Николоски.

Министерот додаде дека 1,1 милион евра се распределени за подобрување на локалната патна мрежа во Велес, каде што се реконструирани повеќе улици, вклучувајќи ги „8 март“ и „Љубљанска“. Тој најави и изградба на катна гаража преку новите законски измени за урбанистичко планирање.

Министерот исто така ја истакна важноста на изградбата на брзата пруга на Коридор 10, која ќе овозможи патување од Велес до Скопје за дваесетина минути, со возови што ќе се движат со брзина од 200 км/ч.

Градоначалникот Марко Колев ја нагласи поддршката од Владата и Министерството за транспорт и врски за реализација на капиталните проекти во Велес, вклучувајќи ја и реконструкцијата на улиците и изградбата на социјалната зграда.

Треба да знаете
Последни објави