17 години од трагичната смрт на балканскиот ангел Тоше Проески- ‚‚Ве сакам сите‘‘

На 26-годишна возраст, Тоше Проески, еден од најомилените пејачи во Македонија и на Балканот, го загуби животот во страшна сообраќајна несреќа на автопатот во Хрватска. Овој трагичен настан, кој се случи во раните утрински часови близу градот Нова Градишка, го потресе целиот регион. Автомобилот во кој се наоѓаше Тоше се судри со камион, а пејачот во моментот на несреќата седел на совозачкото седиште и спиел.

Веста за неговата смрт одекна како гром, а Балканот се зави во тага. Целиот регион плачеше за уметникот чии песни и хуманитарни дела оставија длабока трага во срцата на луѓето. Денот кога Македонија ја загуби својата музичка икона, Собранието ја прекина својата седница за да му оддаде почит со едноминутно молчење, а 17 октомври беше прогласен за ден на жалост во земјата.

Тоше Проески не беше само пејач. Неговиот ангелски глас и неговата посветеност кон хуманитарните активности го направија симбол на добрината и љубовта. Тој често се вклучуваше во акции за помош на сиромашните, болните и децата без родители. Неговата личност беше толку чиста и блиска на народот, што многумина го нарекуваа “ангел на Балканот”. Би-би-си Њуз дури го спореди со Елвис Присли, нарекувајќи го „балканскиот Елвис“.

Денес, 17 години по неговата смрт, споменот за Тоше Проески е сѐ уште жив. Неговата музика и хуманитарни дела продолжуваат да инспирираат многу генерации, оставајќи белег кој никогаш нема да биде заборавен.

Треба да знаете
Последни објави