УКИМ ќе презентира дигитална платформа за транскрипција на говор на македонски јазик

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска ќе презентира нова дигитална платформа базирана на вештачка интелигенција за транскрипција на говор на македонски јазик – „Буки“.

УКИМ соопшти дека со следење на модерните текови за негување и употреба на македонскиот јазик,   дигиталниот модел е креиран од Дејан Порјазовски, експерт за технологии на вештачка интелигенција за препознавање говор од Универзитетот „Аалто“ во Финска, како дел од активностите на Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања (ЦеНИИс) при УКИМ, раководен од проф. д-р Ордан Чукалиев.

Порјазовски на презентацијата ќе ги изнесе сите детали за функционалноста на моделот, а на настанот ќе се обратат и Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова, проф. д-р Никола Стиков, професор по биомедицински инженеринг на Политехничката школа при Универзитетот во Монтреал и проф. д-р Илина Јакимовска, раководителка на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ.

Како што информира УКИМ, по промоцијата, дигиталниот модел ќе биде отворен за тестирање и секој кој сака да придонесе ќе може да го донира својот глас – да прочита текст на македонски и да го прикачи на платформата Мозила, за што на промоцијата ќе бидат споделени подетални информации. За таа цел, УКИМ ќе почне кампања „Донирај глас“. 

Треба да знаете
Последни објави