Отворена првата Канцеларијата за родителство во Македонија

Во рамки на основното училиште „Јан Амос Коменски“ во скопски Карпош, од оваа недела започнува со работа Канцеларијата за родителство која воедно е првата установа од овој тип во нашата земја. Станува збор за Канцеларија која ќе работи еднаш неделно (секоја среда) од 17 до 19 часот, и истата ќе биде достапна за родителите чиишто деца (од 6 до 10 годишна возраст) учат во основните училишта во Карпош. Имено, Канцеларијата ќе нуди поддршка за родителите преку индивидуални средби во вид на психолошко советување, како и поддршка и третман на деца и родители. Овие средби ќе бидат реализирани со ангажирање на стручни семејни советници од Експертскиот центар за родителски вештини – „Алтернатива“.

Канцеларијата за родителство е дел од проектот „Советувалиште за родители при Општина Карпош“ кој го реализира Експертскиот центар за родителство – „Алтернатива“, а истиот е дел од годишната Програма на локалната самоуправа за еднакви можности меѓу жените и мажите за 2024 година. За оваа намена Општината издвои 300.000 денари од својот буџет за оваа година со единствена цел, да даде сериозна поддршка и помош на родителите во совладување и унапредување на родителските вештини.

            На денешното свечено отворање присуствуваше и градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода ја истакна важноста од функционирањето на оваа Канцеларија.

  • „Ми претставува особено задоволство фактот што токму во Карпош се отвора првата Канцеларија за родителство, чија основна цел е да понуди конкретни услуги за зајакнување на родителските вештини. Согласно издвоените финансиски средства од страна на Општината, Канцеларијата за родителство ќе работи до крајот на учебната 2024-2025 година. Меѓутоа нашите заложби се да издвоиме доволно финансиски средства и за наредните години, за да може да ја направиме Канцеларијата одржлива и постојана и да имаме континуитет во поддршката на родителството за сите наши сограѓани“ – посочи Јакимовски.

Хронолошки следено, проектот се одвиваше во три фази при што во првата се организираа обуки за стручните служби од сите 10 основни училишта. Во таа насока, лицата кои посетуваа обуки се стекнаа со сертификати за фасилитатори за родителски вештини на родители на деца од 6 до 10 години. Во втората фаза, беа одржани трибини за родителите од основните училишта на кои се дискутираше околу ставовите, практиките и предизвиците на родителите со деца од погореспоменатата возрасна група. Во третата фаза се отвора Канцеларијата за родителство која непосредно ќе работи со индивидуални семејства нудејќи им совети во однос на справување со сите проблеми и предизвици со кои се соочуваат тие.

Инаку, работата на Експертскиот Центар е поддржана од Обединетите Нации, од Глобалната иницијатива за поддршка на родители (GISP), вклучувајќи ги СЗО и УНИЦЕФ,  како и од  Родителство на целоживотно здравје (PLH), и од Глобалното партнерство за ставање крај на насилството врз децата (EVAC) .

Оттука, Општина Карпош со целосната реализација на овој проект се наметнува како пионер во оваа иницијатива која ги вклучува образовните институции, родителите и основците. Конечниот исход треба да резултира со поефикасна превенција на насилството врз децата од секаков вид, но и со создавање на психолошко здрави и стабилни личности. 

Треба да знаете
Последни објави