Најмалку 18 загинати во израелски воздушен напад на Западниот Брег, Израел тврди дека е убиен шеф на Хамас

Најмалку 18 лица загинаа синоќа во израелски воздушен напад врз кафуле во градот Тулкарм на северниот дел на Западниот Брег, соопшти палестинското Министерство за здравство во градот Рамала.

Се уште не е познат бројот на повредени во нападот. Според извештаите, многу луѓе се уште се заробени под урнатините.

Израелската војска го потврди воздушниот напад, велејќи дека мета биле високи личности во локалните палестински милитантни мрежи, вклучително и шефот на мрежата на палестинското исламистичко движење Хамас во Тулкарм, Захи Јасер Абд ал-Разек Уфи и членовите на терористичката групација „Исламски џихад“.

Според палестинските медиуми, меѓу загинатите е и Гаит Радван, лидер на „Исламски џихад“ во Тулкарм.

Ударот на израелската армија врз Тулкарм бил извршен вчера доцна вечерта, додаваат од војската.

Според палестински извори, повеќе од 700 Палестинци се убиени на Западниот Брег од почетокот на војната во Појасот Газа пред речиси една година.

Треба да знаете
Последни објави