Пожарот во Чаир конечно изгаснат, па крадци се обидувале да се збогатат

По ден и половина конечно е изгаснат пожарот во Чаир но зградата и натаму не е безбедна. Пожарникарите и полицијата се уште на терен, се проверува секое ќоше за целосно да се елиминира опасноста од нов пламен. И додека службите неуморно дежураат околу зградата, две лица сакале да заработат на маката на станарите. Преправени како пожарникари влегле внатре и оперирале во становите. Фатени се на дело како украле пари и злато од еден од становите.

Неизвесно е дали и кога ќе можат станарите да се вратат дома каде се што имале оставиле зад себе за да се спасат. Дел од нив два дена спијат во автомобилите, други заминале кај роднини дури до Гостивар.

Двете дечиња кои вчера беа задржани на клиника се во добра здравствена состојба и пуштени се на домашно лекување. На клиниката за Токсикологија вчера дополнително биле донесени уште неколку лица поради гушење со чад.Им била укажана лекарска помош и од клиниката информираат дека состојбата им е стабилна. На болничко лекување останува само пожарникарот.

Причините допрва ќе се истражуваат. Она што до сега се знае е дека во подрумските простории имало магацин на дуќан кој продава уреди за осветлување и електроника. Токму поради големата количина на пластика пожарот беше тежок. Во подземните простории температурата и денеска е многу висока. Дали зградата ќе биде безбедна за домување ќе треба да кажат експертите но засега нема информација дека надлежните ќе ја проверуваат статиката. Неофицијално во подрумските простории имало уреди кои биле користени во бизнис со криптовалути.

Треба да знаете
Последни објави