Протест пред РТС во Белград: Барања за информирање на јавноста за еколошките проблеми

Пред зградата на јавниот медиумски сервис во Белград, се одржува протест со барање Радио-телевизија на Србија (РТС) да ја информира јавноста за еколошките проблеми, јави дописникот на МИА од Белград.

Протестот, организиран од движењето „Еко стража“, има за цел да изврши притисок врз РТС да им овозможи на претставниците на еколошките организации да се обратат на јавноста во централната информативна програма – Дневник. „РТС има седум дена да го исполни барањето. Ако не го стори тоа, ќе ги искористиме сите правни средства против одговорните лица,“ најави „Еко стража“ пред протестот што се одржа во неделата.

Протестот се одржува под слоганот „Безбедноста е во бројки“, како знак на поддршка за граѓанските активисти кои беа приведени од страна на полицијата на протестите против ископувањето литиум во Србија, пред околу еден месец.

„Еко стража“ наведува дека полицијата привела пет нивни активисти, извршила претрес на нивните станови и им одзела мобилни телефони и компјутери. „Бараме да се спроведе дисциплинска постапка против обвинителите кои ги прекршиле човековите права на активистите, како и веднаш да им се вратат одземените лични помагала на приведените,“ истакнаа од „Еко стража“.

Треба да знаете
Последни објави