Чавков ќе биде дома до ноември

Поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, кој беше осуден на 18 години затвор за тероризам по настаните од 27 април 2017 година во Собранието, доби прекин на издржувањето на казната и ќе остане дома до 21 ноември. Оваа одлука беше донесена поради медицински причини,  објави Радио Слободна Европа повикувајќи се на информации добиени од Кривичниот суд..

Од затворот во Штип информираа дека шест лица, вклучително и Чавков, добиле прекин на казната поради здравствени проблеми. Двајца од нив, Александар Јаневски – Тошта и Јане Ченто, веќе го завршија прекинот и на 14 август се вратија во затворот. Со судско решение, прекинот на издржување на казната е продолжен за Митко Чавков до 21 ноември, за Митко Пешов до 16 ноември, за Оливер Поповски до 22 септември и за Душко Лазаров до 25 септември.

Александар Пандов, директор на Управата за извршување на санкции, потврди дека крајот на јули потпишал решенија за 30-дневен прекин на казната за дел од лицата осудени за 27 април, поради потреба од лекување. Според Пандов, сите одобренија биле издадени врз основа на сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи нарушено здравје поради престојот во притворското одделение во Шутка.

Кривичниот суд исто така потврди дека пет лица осудени за настаните од 27 април побарале прекин на казната. Судот одобрил прекин од еден месец за тројца од нив, додека едно барање е во фаза на изготвување, а друго е одбиено поради некомплетна документација.

Треба да знаете
Последни објави