По Сараево и Белград, шефот на ЦИА, Барнс, во Приштина на средба со Османи

Шефот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Вилијам Барнс, кој допатува денеска во Приштина, снимен е попладнево како оди на средба со претседателката на Косово, Вјоса Османи во зградата во која се наоѓа нејзиниот кабинет, јави дописникот на МИА од Приштина.

Косовските медиуми објавија фотографии од пристигнување на колоната автомобили пред Претседателството, а потоа и од самиот Барнс како влегува во зградата.

Посетата на шефот на американската разузнавачка агенција на Косово доаѓа откако тој престојуваше во Босна и Херцеговина и Србија.

Американската амбасада во Приштина претходно не одговори на прашањето дали Барнс е во посета на Косово, а на истото прашање на Радио Слободна Европа не одговорија ниту Претседателството на Косово, ниту Министерството за внатрешни работи.

Тимот на РСЕ во четвртокот напладне го фотографира авионот на американската армија паркиран пред ВИП-зоната на аеродромот во Приштина.

Се верува дека Барнс со овој авион патувал од Сараево до Белград. Според веб-страницата за следење летови, Флајтрадар (Flightradar), денеска, 22 август, овој авион патувал од Белград за Бугарија, па во Северна Македонија и конечно во Косово.

Како што изјави за РСЕ претставник на американската влада, кој сакаше да остане анонимен, причината за посетата на шефот на ЦИА на Сараево, меѓу другото, била и поради вознемирувачката сепаратистичка реторика и постапките на прорускиот претседател на ентитетот Република Српска, Милорад Додик и Владата на тој ентитет.

На 21 август Барнс замина за Белград, но оваа посета не беше ниту потврдена ниту демантирана од официјални лица во Србија и САД.

Посетата на Барнс на регионот доаѓа во време кога американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер изјави дека неговата земја е предизвикана во повеќе аспекти од Владата на Косово, предводена од Албин Курти.

САД и другите земји од меѓународната заедница ги критикуваа некои одлуки и дејствија преземени неодамна од Владата на Курти, кои се сметаат за „еднострани“ и „некоординирани“.

Стејт департментот на САД побара од Владата на Курти да се врати на „конструктивен и близок ангажман“ со Вашингтон, Европската унија и НАТО, додека Вашингтон исто така бара косовските институции да не го отвораат мостот на реката Ибар.

Треба да знаете
Последни објави