Скопски градоначалници од ДУИ бараат партијата да го преиспита учеството во ЗЕЛС

ДУИ соопшти дека градоначалниците во скопските општини, кои се нејзини кадри, поднеле иницијатива до партијата со која бараат да се преиспита нивното учество во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), тело во кое се координираат активностите за работата на општините.

Опозициската партија обвини дека постои тенденција за злоупотреба на ЗЕЛС со негово централизирање од страна на, како што велат од ДУИ, моноетничката власт, и притоа да се заобиколат градоначалниците на општините од редовите на „Европскиот фронт“.

„ДУИ ги следи последните случувања во ЗЕЛС од формирањето на новата Влада и забележува дека оваа Заедница почнала политички да се злоупотребува од моноетничката власт и без легитимитет и наместо афирмирање на барањата на општините и граѓаните, без поделби, се забележува централизација и амбиции за преземање на надлежностите од опозициските општини“наведуваат од ДУИ во писменото соопштение.

Од опозициската партија излегоа со оценка дека по непочитување на легитимитетот на централно ниво со формирањето на извршната власт, владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ сега почнала со злоупотреба на работата на ЗЕЛС во сите форми. Додаваат оти непочитувањето на градоначалниците од редовите на албанската опозиција има тенденција да ја уништи политичката волја и албанските партии и на локално ниво.

ДУИ во Скопје раководи со општините Чаир и Сарај, а во државата има вкупно десет градоначалници.

Треба да знаете
Последни објави