Зголемен број заболени од ковид – Апел да се избегнува групирање на затворено, да се проветрува, да се мијат раце…

Комисијата за заразни заболувања на последниот состанок констатира дека има зголемување на бројот позитивни случаи на Ковид-19, во однос од минатата недела, па по тој повод, ги потсетува граѓаните да ги почитуваат општите мерки за превенција од респираторни инфекции.

Да се избегнува групирање и подолг престој во затворени простории, редовно проветрување на просториите, почесто миење раце и избегнување близок контакт со заболени лица, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.

Од Министерството нагласуваат дека вакцинацијата е најефикасен начин за заштита од тежок облик на болеста.

На состанокот, Комисијата ја реафирмираше препораката дека тестирање за Ковид-19 не е услов за прием во здравствена установа. За Ковид-19 треба да се тестира исклучиво според индикација, одсносно, доколку пациентот има симптоми карактеристични за Ковид-19, се додава во соопштението.

Од Комисијата истакнале дека пациентите треба да се лекуваат од основната болест и во соодветната здравствена установа, дури и ако се позитивни на Ковид-19, „со тоа што, здравствената установа треба да обезбеди услови за минимизирање на опасноста од ширење на болеста на другите пациенти и на персоналот, со изолирање на позитивните пациенти“.

Комисијата за заразни болести внимателно ја следи состојбата и во зависност од промените, ќе донесе соодветни препораки, пишува во соопштението на Министерството.

Треба да знаете
Последни објави