Русија планира да евакуира раселени лица од Курск во окупираното Запорожје во Украина

Привремениот гувернер на руската област Курск, каде што Украина изврши прекуграничен напад пред една недела, денеска изјави дека жителите кои се раселени поради борбите ќе можат да бидат преселени во област под руска окупација во Украина, јави ДПА.

Алексеј Смирнов на Телеграм објави дека разговарал со гувернерот на областа Запорожје во југоисточна Украина за планот.

Смирнов напиша дека неговиот колега назначен од Москва во Запорожје, Евгениј Балицки, предложил санаториумите и одморалиштата на Азовското Море да бидат користени за сместување на раселените лица.

„Во наредните денови ќе го организираме првиот транспорт за да ги однесеме луѓето во итните засолништа во Запорожје,“ додаде Смирнов.

Русија го анектираше Запорожје во септември 2022 година, иако не ја контролира целата област.

Украина веќе скоро две и пол години се брани од руската инвазија и минатата недела за првпат го префрли бојното поле на територијата на непријателот, потсетува ДПА.

Треба да знаете
Последни објави