Првата средба на Мицкоски по доаѓањето на власт ќе му биде со Курти

Првата средба на премиерот Христијан Мицкоски по доаѓањето на власт ќе му биде утре со косовскиот премиер Албин Курти, неколку денови по инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром, пишува „Рацин.мк“.

Инцидентот на скопскиот аеродром се случи откако аеродромската полиција побарала од претседателката на Косово да ја предаде личната ташна и мобилниот телефон за скенирање, по што дошло до судир меѓу обезбедувањето на косовската претседателка и членови на аеродромското обезбедување. Македонското МВР, пак, во четвртокот вечерта соопшти дека и обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши било вмешано во случајот. Тие им се заканиле на вработени во ТАВ, кои според ТАВ Македонија постапиле во рамките на своите овластувања и спроведувале стандардна проверка.

Инцидентот на скопскиот аеродром повлече серија соопштенија и изјави од МВР, МНР, ТАВ Македонија, од Кабинетот на Гаши, од косовското МНР и од Кабинетот на косовската претседателка, но немаше ниту една изјава или реакција од Владата или од ВМРО-ДПМНЕ и од Кабинетот на Албин Курти.

Токму затоа и првата официјална средба на Мицкоски ќе биде со Курти, за да се „испегла“ инцидентот од Аеродромот. Во најавите се наведува дека на средбата ќе присуствуваат и членови на македонската Влада од редовите на каолицијата „Вреди“, а во косовската делегација која ќе го придружува Курти за време на престојот во Скопје ќе биде и вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Грвала. Засега нема најави дали ќе присуствува и вицепремиерот и министер за односи меѓу заедници, Иван Стоилковиќ.

Треба да знаете
Последни објави