Репортери без граници: Македонија напредна за две места, но опадна довербата во медиумите

Во годишниот Индекс за слободата на медиумите на меѓународната организација Репортери без граници во кој се опфатени 180 земји, Македонија се најде на 36-тото место и има напредок од две места во однос на претходната година, но сепак се бележи опаѓање на довербата на општеството во медиумите, како резултат на дезинформациите и недостаток на професионализам.

Понатаму, во извештајот се наведува дека владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите.

Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој.

Се забележува дека новинарството е многу несигурна професија, а некои медиуми се подложени на влијанија од страна на маркетинг-агенциите.

– Иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн-медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн-редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои прават плагијати и копираат и залепуваат содржини. Исто така, постои голем јаз меѓу користењето и довербата – најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверливост – пишува во извештајот.

Извештајот забележува дека владините агенции не се многу транспарентни, а критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади.

– Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии на власт и во опозиција создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност – велат од организацијата.

Треба да знаете
Последни објави