Search

Пуштен за сообраќај тунелот Логара, еден од најголемите проекти во Албанија

Тунелот Логора, еден од најголемите јавни проекти во Албанија, во јужниот дел од државата, што ги поврзува приморските градови Валона и Саранда, денеска е пуштен за сообраќај.

Се наоѓа на околу 20 километри јужно од Валона, во должина е од 5,9 километри, во чија изградба вложени се 139,6 милиони евра, а кој според албански медиуми, има директно влијание врз целата албанска економија.

Главниот тунел е широк 7,70 метри и висок 4,70 метри, со тротоари од двете страни со ширина од по 1,17 метри и е опремен со вентилација, дренажен систем и систем против пожар и чад.

-Тунелот е поврзан и со новиот пат Орикум-Дукат, што овозможува инфраструктурата кон југот на земјата да го скрати растојанието во очекување на рекордни бројки од туризмот годинава. Отворањето на тунелот првично ќе биде етапно за патнички моторни возила и автобуси, а не за тешки товарни возила, објавија медиумите.

Додаваат дека церемонијата на свеченото пуштање била празнична, исполнета со песни и ора.

-Тунелот Логара, едно од историските дела што засекогаш ќе го промени патувањето кон југот, напиша премиерот Еди Рама во објава на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Вицепремиерката и министерка за енергетика и инфраструктура, Белинда Балуку, во емисија на Топ чанел, синоќа објасни дека годинава минувањето преку тунелот ќе биде бесплатно, но, во наредните години ќе чини околу пет евра.

Треба да знаете
Последни објави