Search

360 Степени: Дали Ивана Стојановска ги исполнува условите за заменик-директор на АР?

Согласно Законот за Агенцијата за разузнавање, со АР раководи директор кој го именува и разрешува претседателот на државата. Тој се именува за време од четири години со право на реизбор за уште еден мандат. Шефот на државата именува и разрешува и заменик-директор на Агенцијата.

Но, дали претседателката Сиљановска-Давкова докрај го почитуваше законот кога ја именуваше Ивана Стојановска за заменик-директорка во Агенцијата за разузнавање? прашува порталот 360 Степени.

Дилемата ја наметнуваат серија мејл-пораки кои пристигнаа до редакцијата на „360 степени“, главно поврзани со професионалната биографија на Стојановска, кои одат во насока на тоа дека таа ги нема потребните години работно искуство во соодветните области, неопходни за да биде именувана за заменик-директорка на АР.

Што вели законот?

Според членот 9 од Законот за Агенцијата за разузнавање, објавен во „Службен весник“ број 21 од 27.1.2021 година, еден од условите за да се стане заменик-директорот во АР е кандидатот да има најмалку десет години работно искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика, од кои пет години на раководно место во Агенцијата.

Ивана Стојановска почнала да работи во Агенцијата за разузнавање на 17 октомври 2016 година, прво како раководител на одделение, а потоа како раководител на сектор. Тоа значи дека во АР има стаж од околу 7 години и 8 месеци.

Од нејзината лична биографија и од прегледот на работни ангажмани од Агенцијата за вработување, кои пристигнаа на електронската пошта на „360 степени“, може да се заклучи дека пред 2016 година таа извесен период работела во приватна компанија како „информатичар“, а претходно на Универзитот „Американ колеџ“ била асистентка по информациски науки, а на Американскиот универзитет на Европа – ФОН – асистентка за настава и истражување. Па, тезата на доставувачот на информациите е дека таа ги нема неопходните десет години работно искуство во областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика зашто работните ангажмани пред вработувањето во АР немаат врска со областите наведени во законот.

Што велат од претседателскиот кабинет?

Врз основа на кои критериуми претседателката Сиљановска-Давкова ја именувала Ивана Стојановска за заменик-директорка на Агенцијата за разузнавање, порталот прашал во кабинетот на шефицата на државата.

Оттаму одговориле дека претседателката ја именувала Стојановска во согласност со условите за именување на заменик-директор на оваа установа, кои се предвидени во Законот за Агенцијата за разузнавање.

„Ивана Стојановска го исполнува законски пропишаниот услов, дека има најмалку десет години работно искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика, од кои пет години на раководно место во Агенцијата, а има севкупно 18-годишно искуство од областа“,се вели во одговорот од претседателскиот кабинет.

Во продолжение на одговорот е посочен и дел од професионалната биографија на Стојановска.

„Стојановска има речиси осум години работно искуство во Агенцијата, кое го започнала во 2016 година, каде дошла на раководна позиција на одделение во Директорат за техничко разузнавање и информатичка поддршка, каде била до 2019 година, кога станала раководител на сектор во Директорат за техничко разузнавање и информатичка поддршка. Во периодот од 2021 до 2024 година, таа работи како раководител на Сектор за информациски и комуникациски технологии при Агенцијата за разузнавање“,велат од кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Иако стажот во Агенцијата ѝ е помал од десет години, во одговорот од кабинетот на Сиљановска-Давкова за искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика го наведуваат и периодот поминат на приватните универзитети.

Како што велат од кабинетот на претседателката, во периодот од 2006 до 2014 година Стојановска е дел од наставниот кадар и има научно-истражувачка работа при Американскиот универзитет на Европа – ФОН, Скопје, а од 2014 до 2016 година работи како асистент за научно-истражувачка работа на Факултетот за компјутерски науки и информациски технологии, Универзитет „Американ колеџ“, Скопје.

Повеќе…

Треба да знаете
Последни објави