Search

Турските фудбалери ја совладаа Австрија

Турските фудбалери ја совладаа Австрија со резултат 2:1 во последниот натпревар од осминафиналето на Европското првенство 2024 во Германија.

Херој е Мерих Демирал, кој погоди во првата и во 56. минута, додека единствениот гол за Австрија го постигна Михаел Грегорич во 67. минута.

Турција во четвртфиналето ќе игра против Холандија на 6 јули во Берлин.

Натпреварот само што започна, а Турција веќе имаше предност на семафорот, по корнерот кој го изведе Арда Ѓулер.

Тој нафрли остро, Кристоф Баумгартнер ја запре топката на гол-линијата, а по карамболот таа се одби од Мерих Демирал, кој потоа ја заби во мрежата.

Тоа не влијаеше многу на избраниците на Ралф Рангник, кои веќе се заканија во следниот напад преку Баумгартнер, но топката прелета покрај голот на Мерт Гунок.

Баумгартнер беше во центарот на вниманието неколку минути подоцна, кога сантиметарот го одвои од погодок. Но, по еден обид на втората статива, тој остана да лежи барајќи најстрога казна, која не ја доби.

Австрија имаше малку поголем посед на топката, се обиде сериозно да му се закани на ривалот, но не успеа до паузата.

Избраниците на Ралф Рангник тргнаа силно во вториот дел, а Марко Арнаутовиќ пропушти одлична прилика во 51. минута. Поточно, Гунок го спречи зицерот.

Казната дојде веќе во 56. минута, кога Демирал повторно погоди. Корнерот повторно го изведе Ѓулер, а турскиот дефанзивец беше највисок во скокот за делириум кај навивачите на оваа селекција.

Радоста на Турците не траеше долго, бидејќи Австрија ја запечати ситуацијата во 67. минута, а стрелец беше Михаел Грегорич.

Марсел Сабицер изведе корнер, Стефан Пош со глава ја упати топката кон втората статива, а Грегорич налета и го совлада Гунок.

Турција беше уморна во финишот, се притисна во шеснаесетникот, но некако успеа да ги издржи нападите и да обезбеди пласман во четвртфиналето.

Најдобрата шанса во последната минута од судиското надополнување ја имаше Баумгартнер, чиј обид со одлична парада беше сопрен од голманот Гунок.

Треба да знаете
Последни објави