Search

Жителите на Малага протестираа против масовниот туризам

Илјадници жители на шпанскиот град Малага излегоа на протест против масовниот туризам, кој според нив е причина за високите наеми и недостигот на станови, пренесе ДПА.

Многу од демонстрантите носеа плакати со натписи: “Малага не се продава” и “Ова не е туризам, ова е инвазија”. Според организаторите, на вчерашниот митинг учествувале околу 25.000 лица, иако шпанскиот весник “Паис” објави дека протестирачите биле околу 15. 000. Малага е само уште еден шпански град во кој се одржуваат вакви протести.

Демонстрации против масовниот прилив на туристи имаше и во Мајорка, Барселона и на Канарските Острови.

Здружението на наемателите во Малага вели дека постојано растечкиот број на посетители кои изнајмуваат апартмани за одмор е причина за недостигот на станови во градот.

– Градот страда, незадоволството е големо. Пред сè, проблемот со станбениот простор требаше да биде ставен на маса, изјави портпаролот на протестирачите за весникот “Паис”.

Во Малага има повеќе од 12. 000 законски регистрирани станови за одмор и по овој показател, градот се наоѓа на трето место во Шпанија по Мадрид и Барселона.

Освен тоа, многу приватни имоти во Малага и други градови примаат гости незаконски. ссм/фото: ЕПА .

Треба да знаете
Последни објави