Search

137 измами со брзи кредити и злоупотребени лични податоци само во последниве две години – Каде е проблемот?

Во Македонија последниве неколку години се почести се пријавите за злоупотреба на лични податоци и нивно искористување со цел подигнување на брзи кредити на туѓо име.

Преплавени сме со реклами на кои се нудат кредити на брз начин само со приложување лична карта или пасош, па од тука започнува проблемот со честата злоупотреба на личните податоци на граѓаните, без разлика дали се работи за изгубена лична идентификација или пак за злоупотреба и кражба на истите. Тоа беше повод 24Инфо да ја анализира малку подлабоко темава и да ги истражи сите засегнати страни.

Според податоците на МВР од 2022 година до мај 2024 година има вкупно 137 евидентирани случаи на злоупотреба на лични податоци/измами со брзи кредити, при што поднесени се 39 кривични пријави и 73 писмени известувања, од кои расветлени се 57 случаи, а поденсена е и една приватна тужба.

Што велат финансиските друштва?

Екипата на 24Инфо се обиде да добие одговори од повеќе финансиски друштва во земјава, но со одговори се одважија само две. Според нив во изминатиот период намалени се пријавите за злоупотреба на лични податоци, односно тие се сведени на минимун и ги има само неколку во годината.

Како што велат секогаш им стојат на располагање на институциите во земјава, па дури и самите ги пријавуваат случаите доколку имаат сознание за истите.

“На лицата за кои има сомневање дека се предмет на измама, или компанијата има добиено информација дека можеби се предмет на измама им се достапни сите канали преку кои може да нѐ контактираат, со цел навремено постапување од наша страна. Оттука, ги повикуваме сите граѓани, што сметаат дека се предмет на измама или нивните лични податоци биле украдени, соодветно да достават информација до компанијата, за ние да преземеме навремени активноста” велат од финансиското друштво Тиго.

Овие финансиски друштва меѓу другото работат според препишаните акти од Законот за финансиски друштва, и како што велат пред издавањето на кредит, за секој апликант се проверува неговата кредитоспособност, односно се проверува дали личноста е во можност да земе кредит исто како и во секоја банка, сепак истиот може да биде издаден за само неколку минути и единствено со давање на било каков документ за идентификација. Кредити можат да бидат подигнати лично во некоја од филијалите или пак онлајн, без воспоставување на било каков личен контакт. Всушност тука настануваат и измамите.

Два начини како финансиски друштва ги заштитуваат граѓаните од измами

Од финансиското друштво Иуте, велат имаат воведено електронска идентификација и мобилна апликација. Секој клиент има свој биометриски идентитет создаден преку шема за електронска идентификација во самата апликација, и секој договор е потпишан дигитално исто така во апликацијата.

“Едно од подобрувањата кои ги направивме беше воведувањето на електронската идентификација во февруари 2023 година. И мораме да истакнеме дека од воведување на истата немаме примено ниту една поплака по овој основ. И повторно во насока на подобрување на процесите, во моментот имаме отворен проект за преминување на електронска шема на идентификација преку домашен добавувач. Со тоа ќе обезбедиме целосен дигитален идентитет на клиентите”, велат тие.

Сепак овој начин на електронско аплицирање не само што не го решава проблемот при кражба на податоци, туку отвора и нови начини, затоа што преку оваа мобилна апликација може да се зема и потрошувачки кредит, односно само со скенирање на QR код кој го има кај определени трговци, може на кредит да се купат производи кои подоцна се плаќаат, во вид на иплата на земен кредит.

Всушност, измамите поврзани со кражба на лични податоци најчесто се искористуваат на овој начин, при што граѓаните воопшто не се ни известени дека имаат земено кредит во некоја од трговските продавници, се додека не почне да тече каматата за неисплатен кредит или пак граѓаните добијат известување за блокирана банкарска сметка.

Од финансиското друштво Тиго пак, велат дека кај нив ваквата опција ја нема и граѓаните ги заштитуваат на тој начин што доколку издаваат кредит онлајн, личните податоци мора да соодветствуваат со личните податоци кои се дадени за отворање на сметката на која ќе бидат исплатени парите, а средствата можат да ги исплатат и во кеш, со лично присуство во некоја од филијалите.

“Генерално гледано, важно е да се разбере дека овие измами не завршуваат само на товар на клиентот, бидејќи и самата компанија трпи штета, било да зборуваме за репутациски или финансиски. Во повеќето вакви случаи, финансиските друштва се јавуваат во својство на оштетена страна која исто така како и оштетените физички лица, е доведена во заблуда за идентитетот на апликантите и е измамена, па во рамки на евентуално поведените кривични постапки се јавуваат во својство на оштетено правно лице”, додаваат од Тиго.

Ниту едно од финансиските друштва не одговорија директно дали до сега се случило да дојде до тужба, но затоа апелираат до граѓаните да се грижат за своите лични документи, да пријавуваат веднаш доколку им бидат украдени или изгубени, да ги блокираат своите сметки и никако да не ги споделуваат со непознати лица особено на социјалните мрежи.

Појава на софистицирани измами со лажни лични карти

Финансиските друштва алармираат и дека во последно време има појавата на софистицирани типови на измами со лажни лични карти со висок квалитет, врз основа на кои „апликантите за кредит“ честопати имаат отворено банкарски сметки врз основ на таквите лажни лични карти со украдени идентитети, па кредитите се исплаќани на таквите банкарски сметки.

Се работи за софистицирани измами за чиешто сузбивање се неопходни решителни чекори од државните институции, односно Министерството за внатрешни работи и надлежните јавни обвинителства, додаваат тие.

Велат ги поздравуваат сите законски измени кои се носат во земјава и се поврзани со нивното работење, а кои се однесуваат на заштита на граѓаните од ваков тип измами, па очекуваат и во иднина да се работи на тоа поле.

“Очекувањата е да се зајакнат критериумите под кои се дава дозвола за работа на финансиско друштво, корпоративното управување во финансиските друштва, а и управувањето со кредитниот ризик. Зајакнувањето во однос на кредитниот ризик ќе придонесе кон избегнување на презадолженост на граѓаните, а истовремено и измами заради злоупотреба на личните податоци”, додаваат од Иуте.

Кога е време да побарате правна помош?

Правниците пак велат имаат полни раце работа поради ваквиот тип на измами, а најголемиот проблем го гледаат во дозволата на овие финансиски друштва да издаваат кредити само со еден документ за лична идентификација.

Апелираат секој граѓанин кој е предмет на измама веднаш да пријави во полиција и доколку е потребно да побара и правна помош, затоа што многу често граѓаните не се свесни за измамата се додека од извршител не им бидат блокирани банкарските сметки.

Тие велат постојат правни мерки со кои може да им се помогне на граѓаните дури и во таква ситуација, па граѓаните не треба да се плашат по правен пат да си ја бараат правдата.

Тие секогаш се водат по Законот за заштита на лични податоци, а исто така имаат замерки и за каматната стапка која велат не смее да биде поголема од онаа која ја прапишува Народна банка. Тие потенцираат имаат превисоки камати на дневна основа при неисплаќање на кредит, затоа што истото не е регулорано во законот, односно нема ограничување на тоа колку максимално може да биде каматната стапка.

Правниците со кои разговаравме велат се сретнале и со случаеви во кои измамниците се взаемно поврзани со некои од вработените во самите финансиски друштва, но тоа не е секогаш случај. Честопати граѓаните се измамени и од нивни блиски личности на кои им ги довериле своите лични документи или пак истите ги загубиле.

Она што е значајно да се спомене е дека дел од финансиските друштва наплакаат надоместок од стотина денари до дури неколку илјади денари и кога треба да ве известат дека имате неисплатен кредит.

Н.Ј.

Треба да знаете
Последни објави