Search

22 години затвор за четири лица вмешани во убиството на косовскиот политичар Оливер Ивановиќ

Основниот суд во Приштина осуди на вкупно 22 години затвор четворица косовски Срби обвинети за вмешаност во убиството на политичарот Оливер Ивановиќ, што се случи во јануари 2018 година во Северна Митровица.

Судот ги прогласи за виновни Марко Рошиќ, Недељко Спасојевиќ, Драгиша Марковиќ и Жарко Јовановиќ, а Силвана Арсовиќ и Раде Басара се ослободени.

Марко Рошиќ е осуден на десет години затвор и парична казна од 10.000 евра, Недељко Спасојевиќ на четири години и шест месеци затвор и 4.500 евра. Полицајците Драгиша Марковиќ и Жарко Јовановиќ се ослободени од обвинението за злоупотреба на службената положба, но осудени се на по четири години затвор за кривичното дело недозволено поседување, употреба и контрола на оружје, објави судијата Ваљон Куртај. Во казната ќе им биде вклучено и времето поминато во притвор и домашен притвор.

На изрекувањето на пресудата не присуствуваа обвинетите, туку само нивните бранители.

Судењето на обвинетите за помагање во убиството на Оливер Ивановиќ започна во јули 2021 година, две и пол години по убиството.

За овој случај во бегство се Жељко Бојиќ, Звонко Веселиновиќ, Милан Радоичиќ и уште двајца непознати обвинети.

Оливер Ивановиќ беше убиен со шест истрели во грбот утрото на 16 јануари 2018 година, пред седиштето на неговата граѓанска иницијатива „Слобода, демократија правда“ во Северна Митровица.

Треба да знаете
Последни објави