Search

Европската комисија: Бугарија се’ уште не е подготвена за влез во еврозоната

Бугарија се’ уште не е подготвена да воведе единствена европска валута поради претерано високата стапка на инфлација, соопшти Европската комисија во Брисел.

Првично планирано за почетокот на оваа година, воведувањето на еврото беше одложено кога лани во оваа земја од југоисточна Европа беше забележана инфлација од 9,5 отсто.

Комисијата работи на претпоставката дека стапката на инфлација годинава ќе падне на 3,1 отсто во однос на лани, се вели во мајската економска прогноза.

Земјите кои влегуваат во еврозоната мора да ги исполнуваат критериумите за стабилност на цените, јавните финансии, стабилноста на девизниот курс и долгорочните каматни стапки, кои не смеат да бидат повеќе од два процентни поени над стапките во најстабилните земји на ЕУ во годината пред проценката.

Сите земји-членки на ЕУ, со исклучок на Данска, се законски обврзани да влезат во еврозоната. Освен Бугарија, земјите кои допрва треба да се приклучат се Полска, Романија, Шведска, Чешка и Унгарија.

Комисијата извести дека Бугарија, која ѝ се приклучи на Европската унија во 2007 година, моментално е единствената земја што ги исполнува критериумите, освен една, и каде националните правни регулативи се компатибилни со валутната унија.

Членството во еврозоната може да биде политички спорно во Бугарија, бидејќи проруската и националистичката Партија на преродбата инсистира на референдум за ова прашање.

Бугарската централна банка и Министерството за финансии денеска соопштија дека земјата ќе ги исполни критериумите за инфлација на еврозоната до крајот на годината.

Преодната влада го потврди и законот за воведување на еврото, кој ќе треба да го донесе новиот парламент избран на 9 јуни.

Во Бугарија се водат сложени дискусии за формирање нова влада.

Треба да знаете
Последни објави