Search

СПОРТСКА ДИПЛОМАТИЈА СОВРЕМЕНА АЛАТКА ЗА ПРОМОВИРАЊЕ НА МИР

Пишува Иван Анастасовски професор на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје

Каде не е во можност политиката да направи одредени компромиси тука е спортот. Истиот ја има една од насилните алатки кај себе “популарноста“ па затоа сугерирам политичарите многу повеќе да ја користат таа дипломатска улога на спортот. Видовме дека секој еден државник денес е на стадионите во Германија за пратење на ЕУРО 24. Не случајно Принцот Алберт од Монако во 2010 година на престижниот Pеace and Sport спортски форум ќе рече, цитирам: “Спортот е единствен и незаменлив капацитет за обединување на луѓето, без оглед на етнички, религиозни, политички или социјални разлики. Убеден сум дека спортот може да биде долгорочна алатка во служба на мирот“. Во меѓународната доктрина постојат различни определби за поимот дипломатија. Така некои автори сметаат дека дипломатијата е уметност, таа е уметност и пракса на водење на преговори помеѓу овластени личности, кои претставуваат групи или нации. Некои од авторите сметаат дека најчесто терминот се однесува на меѓународна дипломатија, водење меѓународни односи преку посредувањето на професионалните дипломати во врска со прашања поврзани со постигнувањето мир, култура, економија, трговија и војна.

Додека други автори сметаат дека дипломатијата е наука со определени задачи, методи, правила и норми. Спортот според мене е најсилната алатка за воспоставување на контакти па затоа не ретко ќе го слушнете терминот “спортска дипломатија“. Спортската дипломатија е нова современа придобивка во делот на политиките кои одат во правец на зачувување на мирот и има за цел да помага при надминување на културните разлики и исто така има активна улога во зближувањето луѓето. Како активност во преден план дипломатијата во спортот значи стекнување вештини, како што се: лидерство, тимска работа, почитување на правилата и почитување еден кон друг, односно почитување на различностите.

Со развојот и афирмацијата на професионалниот (квалитетен) спорт во меѓународната спортска соработка, борбата за престиж и угледот на сопствената држава во меѓународните односи по пат на спортот и големите спортски достигнувања, како и потребата за организирано водење на политиката и оперативните активности на тоа поле, во услови на глобалните општествени движења, се отвораат нови прашања за спортските дипломатски активности во областа на спортот, а особено проблемот околу квалификувани и квалитетни спортски работници и кадри за извршување на оваа престижна работа. Јас можам да кажам но пред се да се гордеам дека ние го имаме како спортски дипломат нашиот колега професорот Јошко Миленковски надалеку признат и промовиран тренер во делот на спортот – одбојката. Тоа беше една од првите заложби на Здружението Геостратешки Институт ГЛОБАЛ во делот на спортските меѓународни политики воведување на спортки дипломати кое се реазизира во целот. Тоа беше и најголемиот мотив за нас ентузијастите во делот на промовирање на спортските политики продолжиме уште посилно кон нашата цел.

Факт е тоа дека како социјална институција – спортската дипломатија претставува и тип на множина, отворена и хоризонтална хиерархија што карактеризира стилски решавање на проблеми од 21 виот век. Како резултат на тоа традиционалните државни актери сè повеќе соработуваат со спортисти, спортски организации или спортски натпревари во кооперативни, меѓусебни корисни и одржливи партнерства кои ја подобруваат видливоста и досегот на посакуваната порака. Затоа спортската дипломатијата може да се дефинира пократко како свесна, стратешка и редовна употреба на спортот, спортисти, спортски настани и недржавни спортски актери од владите и нивниот дипломатски персонал со цел да се создаде соработка, долгорочна и заемно корисни партнерства кои, во идеален случај, „да се максимизираат врските меѓу луѓето, развојот, културата, трговијата, инвестициите, образованието и туристички можности“ за земјите. Денес, постојат голем број на примери каде директно се вклучени спортисти и спортски лидери во решавање на конфликти, впрочем гледно историски војните застанувале кога биле во прашање Олипсиките игри.
Денес, нашата држава е апсолутно подготвена да ги вклучи многу повеќе активно нашите препознатливи спортисти и спортски работници со цел да донесат бенефит во оваа тешко време на меѓународни односи за нашата држава, а за тоа е потребно суетите да се остават по страна и да се вклучи разумот.

Со оглед на природата на меѓународниот спорт, на неговото карактеристично функционирање во меѓународните спортски асоцијации, институции, органи и тела, терминот спортска дипломатија (кој честопати се поврзува со вкупните односи на меѓународно правно признати држави), во голема мера поразбира специфични ситуации кои со голем степен на одговорност и во одредена смисла на подредена автономија и суверенитет на тие форуми, асоцијации, институции и органи со голем меѓународен углед и релевантен статус на членство. Затоа денес, Олимпискиот комитет, како и некои меѓународни спортски асоцијации, пред сѐ се мислам на ФИФА, имаат повеќе земји членки отколку самите Обединети нации.

Промената на менталитетот и односот кон спортот се забележуваат во години наназад, затоа е дојдено вистинско време за будење на целокупниот спортски и научен потенцијал за неговиот развој и покренување прашања за спортската дипломатија, а со самото тоа и развојот на спортските и културните добра на секое општество и многу поцврсти меѓусебни релации за кои ќе допринесува токму спортот.
Затоа, спортската дипломатија ќе биде високо на агенда на овогодинешниот спортски форум Today’s Sport кој ќе се реализира во Скопје.

Треба да знаете
Последни објави