Search

(Видео) Мицкоски даде заклетва како премиер на Република Северна Македонија

Христијан Мицкоски е 13. премиер, а владата формирана од Коалицијата „Твоја Македонија“, Коалицијата „Вреди“ и Движење ЗНАМ – За наша Македонија е 20. влада од осамостојувањето на државата.

Вечерва Собранието ја избра новата Влада на чело со Христијан Мицкоски. Тој во свечената изјава кажа: „Ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија“, а во завршното обраќање неколку минути пред гласањето, кажа дека нема да го избегне спомнувањето на уставното име.

Тој претходно кажа дека во моментов е немоќен нешто да стори околу ова, зашто Уставот со ова име на државата мора да се почитува, но дека останува посветен на Преспанскиот договор.

„Ќе ја кажам срамната придавка во заклетвата оти тоа мене лично ме потсетува на срамот што ми го нанесовте мене, на моето семејство и деца и неродени внуци. Ќе правам сè што можам да ја исправам оваа грешка, иако за жал, сега сум немоќен оти е дел од Уставот и законите“, кажа Мицкоски.

Новата влада има 24 члена, од кои 15 се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ. Покрај премиерот, има вкупно 23 министри, од кои 20 со ресор.

Владата има 5 вицепремиери: Изет Меџити, лидер на Демократското движење, е прв вицепремиер и министер за екологија. Вицепремиер и министер за транспорт и врски е актуелниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски. Министер за добро владеење и вицепремиер од Алијанса за Албанците е Арбен Фетаи. Љупчо Димовски од Социјалистичка партија е вицепремиер и министер за политички систем. Вицепремиер за односи меѓу заедниците е Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија.

Министери се: за надворешни работи Тимчо Муцунски (ВМРО-ДПМНЕ), за внатрешни работи Панче Тошковски (ВМРО-ДПМНЕ), за одбрана Владо Мисајловски (ВМРО-ДПМНЕ), за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска (ВМРО-ДПМНЕ), за енергетика и рударство Сања Божиновска (ВМРО-ДПМНЕ), за земјоделство Цветан Трипуновски (ВМРО-ДПМНЕ), за култура и туризам Зоран Љутков (ВМРО-ДПМНЕ), за образование и наука Весна Јаневска (ВМРО-ДПМНЕ), за локална самоуправа Златко Перински (ВМРО-ДПМНЕ), за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски (ВМРО-ДПМНЕ), за спорт Борко Ристовски (ВМРО-ДПМНЕ), министер без ресор задолжен за спроведување на декадата на Ромите е Шабан Салиу, за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани (Беса), за економија и труд Бесар Дурмиши (Беса), за европски прашања Орхан Муртезани (Алтернатива), за здравство Арбен Таравари (Алијанса за Албанците), за правда Игор Филков (ЗНАМ), за јавна администрација Горан Минчев (ЗНАМ).

Треба да знаете
Последни објави