Search

Собраниската седница за избор на новата влада продолжува утре

– Собраниската седница за избор на новата влада продолжува утре. Во попладнeвниот дел од собраниската дебата пратеникот Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија порача дека изборот на влада треба да биде свечен чин, а денес треба да се избере новата генерација која ќе се откаже од својата балосостојба за добросостојбата и спасот на државата.

Денес, рече ќе избереме луѓе на една нова политика и се заложи за пораст на политичката култура во Собранието за да дојде до рамниште кога, вели, ќе се нотираат забелешките и потоа ќе ѝ се даде поддршката и простор на владата за да го сработи она за што добила доверба.

Во однос на кадровската екипираност на владата, Карапејовски изрази надеж дека опозицијата ќе ја поддржи програмата на оваа влада на тој начин демонстрирајќи подготвеност да учествува во градењето на државата во наредниот период.

Владата, додаде тој, е сочинета од луѓе со силни биографии и со неоспорни етички и професионални капацитети, луѓе без каква и да е дамка во своето портфолио. ЗНАМ, нагласи, се залагаше во предизборната кампања и ќе инсистира распределбата на ресорите да биде по принципот вистинските луѓе на вистинските места.

-Давањето шанса на најдобрите е единствениот излез од актуелната состојба во која  шарената револуција се претвори во грст шарени лаги, кои ја уништија надежта и предизвикаа интелектуален и демографски помор, младите бегаат во очај барајќи функцонална држава и систем, а не племенски уредено општество, водено од неспособни, молчаливци желни за власт, или од криминални кланови, рече Карапејовски.

Тој подвлече дека Движењето ЗНАМ-За наша Македонија на политичката сцена во земјава нуди еден поинаков пристап во политиката, тоа е квалитетот на кадрите, транспарентни и конзистентни политики и решенија, но и доследна имплементација на сопствените политики.

-Досега докажавме дека за нас зборот е збор. Ние ја прифативме одговорноста за учество во владата во ресорите правда
и јавна администрација, во согласност со програмските приоритети од предизборната програма во сферата на правосудството, каде што промовираме нула толеранција за криминалот и корупцијата, обезбедување правна држава и сигурност на граѓаните преку стабилен политички систем во државата, нагласи Карапејовски.

Тој кажа дека е особено задоволен што поддршката за научни истражувања и изучување и популаризација на македонскиот јазик, како и заштитата на културното наследство зазема сериозно место во програмата на мандатарот. Како човек кој доаѓа од високото образование и науката, координаторот на пратеничката група на ЗНАМ ги поздрави програмските заложби на владата во овој сегмент и подвлече дека зголемувањето на издвојувањата за образованието, но особено, за науката, треба да бидат врвен стратегиски приоритет.

-Ние влегуваме со елан и желба да учествуваме во изградба на државата. Македонија ја доби својата шанса на овие избори, дури, според степенот на загриженост кај граѓаните и ниското ниво на оптимизам, можеби дури и својата последна шанса. Искрено се надевам дека ова ќе биде чесна, скромна и одговорна влада, која нема да функционира по принципот на сфери на влијание и одговорност, туку по принципот на поделба на одговорност во сите сфери на одлучување, а министрите ќе му одговараат на премиерот и на Собранието, а не на партиски моќници и чудни групации на интерес, кои досега ја држеа во своевидно заложништво претходната влада, кажа Карапејовски.

Имајќи ги предвид клучните програмски залагање на оваа влада, во кои се содржани главните начела на Движењето ЗНАМ, во името на пратеничката група, истакна дека ќе ја поддржат владата и дека искрено веруваат во остварувањето на сите програмски и стратегиски начела, како и проектните планови што ги изнесе мандатарот.

-Пред нас имаме исклучително квалитетен предлог, кој заслужува не само шанса за да се реализира туку и наше целосно залагање и помош во остварувањето, за општо добро, порача Карапејовски.

Пратеникот Садула Дураку од Европскиот фронт меѓу другото се осврна на изборот на Иван Стоиљковиќ за вицепремиер задолжен за односи со заедниците, наведувајќи дека албанските партии треба да недозволат како што вели, „човек на Русија и Србија да ги брани интересите на Албанците во Република Северна Македонија“.

-Секој Албанец кој ќе го гласа овој човек на службата може да има јака причина, но тој на ниту еден начин нема да ги претставува Албанците, рече Дураку.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, кој е и поранешен шеф на дипломатијата, меѓу другото истакна дека во делот на надворешната политика, треба да се продолжи со стратешкото партнерство со САД, и оти тоа е начинот преку кој земјава може да се избори за своите интереси на глобално нив.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски денеска на седницата на собраниската Комисијата за европски прашања на која се разгледуваше Предлог-законот за јавно обвинителство презентира писмо,

-Министерот во МНР наследува голем неред во институцијата, естрадна дипломатка Бесмира Ејупи стана попопуларна од министерот Османи. Треба сериозен тим и луѓе кои ќе знаат на најсоодветен начин да ги пратат пораките до меѓународната јавност, и да се добиваат најдобрите и квалитетни информации од меѓународните центри, а тоа не може да се добие од Љубомир Фрчковски и Весел Мемеди, нагласи Милошоски.

Тој потенцираше дека ни претстојат тешки битки во меѓународната политика имајќи го предвид пристапот кои Грција и Бугарија го имаат кон државава.

-Ако забележите, во последниве неколку дена има координирани напади, едниот од внатре од СДСМ, а вториот од Мицотакис од Атина по однос на Преспанскиот договор и тоа да биде биполарноста поизразена, во Македонија нападите доаѓаат од оние кои го потпишаа овој Договор. Во однос на Бугарија преговарачката рамка дополнително и непотребно беше оптоварена со Вториот Протокол со кој Османи се согласи историјата да биде критериум и ова ќе биде предизвик со кој ќе треба да се бориме, изјави Милошоски.

Фатмир Битиќи од СДСМ упати забелешка дека декларативните ветувања на новата влада не се доволни за граѓаните да веруваат во нејзините намери. Граѓаните очекуваат конкретни мерки, јасни планови и рокови за релизација, а тоа, вели, за жал го нема во предлог-програмата.

Според него, во програмата нема конкретен одговор ниту за тоа што ќе се случува со платата на граѓаните и каква ќе биде нивната куповна моќ во 2028 година. Имам впечаток, како што рече, дека и самите сте скептични и несигурни во економскиот дел од програмата, дека немате кадровски потенцијал да создадете конкретен економски резултат кој денес ќе можете да го кажете пред граѓаните.

-Немате ништо ниту за достоинството на работниците. Зошто сега молчите и за вашето противење на растот на минималната плата, рече Битиќи.

Треба да знаете
Последни објави